Да бидеме искрени, вистина е дека за недобивањето датум за преговори со ЕУ не сте нималку виновни и дека е во прашање висока политика надвор од вашата моќ на одлучување. Ама за сѐ останато сте и тоа како виновни. Вие, вашите другари од ДУИ и никој друг.
Виновни сте што во две ипол години власт не расчистивте со криминалците во туѓите, но и во своите редови. Тоа што божем ги процесирате низ „институциите на системот” е само мачкање очи и глумење правна држава.
Виновни сте што не направивте конфискација на крадениот имот и пари од претходно споменатите криминалци, кои сѐ уште не се осудени и не се сместени во затвор.
Виновни сте што божем ви избегаа Грујоски, Бошкоски и Груевски.
Виновни сте што не го расформиравте ВМРО-криминално и не го конфискувавте нелегално стекнатниот имот на најбогатата партија во Европа.
Виновни сте што не го реформиравте судството. Истите сваровски судии се уште делат правда. Требаше во првите 30 дена власт да го расформирате и повторно да го изградите од темел. Ама немавте петел.
Виновни сте што не го реформиравте МВР. Сега божем го расформирате УБК, ама целата приказна е килава и неискрена. Немате намера вистински да расчистите со удбашките структури, бидејќи истите одработуваат за секоја власт по нарачка. Немате намера да расчистите ниту со криминалците маскирани во полицајци.
Виновни сте што не го изреформиравте здравството. Во моментов го имаме најраскантаниот и најнехуманиот здравствен систем во Европа. Ова најодговорно ви го тврдам. Ниту постои модерна дијагностика, ниту медицински кадар, ниту соодветни просторни услови, ниту ништо. Останаа да лебдат аферите со увоз на фалц лекови, непроцесирани и без завршница. Прашање е какви се лековите и денес по аптеките, дали е тоа оригинал или фејк.
Виновни сте што не го изреформиравте образованието кое е во катастрофално лоша состојба и продуцира килави кадри. Или поточно ги штанца на лента како свински полутки. Според Пиза, но и други релевантни тестирања, македонските ученици и студенти се функционално неписмени и се на опашката во Европа, практично на ниво на еден Судан и Конго.
Виновни сте што не се справивте со аерозагадувањето, но и загадувањето воопшто, интервентно и со булдожер мерки колку и да коштаат, што значи експресно брзо гасифицирање, појачани инспекции 24/7 и казнување на секоја будала што решила да запали оган на јавна површина и во него да гори се и сешто. Виновни сте и што не изградивте погони за рециклирање и преработка на отпадот.
И последно, но не и најмалку битно, виновни сте што не ја редуциравте и оптимизиравте администрацијата, не воведовте ред во државните служби и продолживте да си го практикувате партискиот терк на вработување ала ВМРО. Во администрацијата владее општ хаос, неработење, раскалашеност и партиска поларизираност. Има сѐ, само нема професионализам.
Момци, виновни сте што фрливте сѐ на една карта, на евроатланските интеграции, а сѐ останато баталивте. Таквиот коцкарски пристап, може да донесе и ви донесе коцкарски резултат. Лошо е што и ние, обичните граѓани сме заглавени заедно со вас на овој брод што тоне, па сега “кој може колку може ќе се спаси”. Некој со бугарски пасош, некој без, ама секој гледа да фати пат од оваа недојдија.
Вие и сите ваши претходници ја направивте оваа држава дистопија. И не ви е ниту Европа, ниту Русија виновна за тоа. Вие и само вие сте виновни што сме таму кај што сме, на патот за никаде. Кога ќе си го признаете тоа пред себе и во себе, а потоа и јавно, можеби нешто на подобро ќе почне да се менува. Сė додека се гледате во огледалото и се убедувате дека сте најубави и најпаметни, нема ништо добро да ни се случи.