Викиликс: Груевски и Црвенковски се карале за името, Димитров го брифирал Рикер

3200

Тогашниот преговарач за спорот околу името Никола Димитров му кажувал доверливи информации на американскиот амбасадор во земјава Филип Рикер за позициите на македонскиот табор во преговорите за името, како и за меѓусебните несогласувања кои ги имале тогашниот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, пишува во извештај објавен на Викиликс, објави Алфа ТВ.

„Двајцата лидери ескалираа со реториката во медиумите, Црвенковски го обвинува Груевски дека не пристапува сериозно и одговорно во насока на напредок на преговорите, додека пак Груевски одговара дека претседателот всушност намерно создава контроверзии за да си го подобри политичкиот рејтинг бидејќи му се ближи крајот на мандатот и се подготвува за враќање во СДСМ“, пишува во документот на Викиликс од 30 септември 2008 за средбата Димитров-Рикер.

Во депешата што Рикер ја испратил до ЦИА, Стејт Департментот и другите американски институции е нагласено дека Димитров му кажал во строга доверба на Рикер дека Милошоски одбил да има одвоена средба со Нимиц, откако Црвенковски го отстранил од состанокот со посредникот на Обединетите нации.

Според Викиликс, преговарачот пред амбасадорот зборувал дека Црвенковски не верувал во сигурна иднина за Македонија без да стане членка на ЕУ и НАТО и притискал Владата да направи договор за името. За Груевски, пак, рекол дека помалку важни му биле интеграциите во ЕУ и НАТО, а поважно му било да не биде македонскиот лидер кој го загубил уставното име и идентитет.

Во депешите Рикер знаел дека Димитров е поблизок до Црвенковски, а поради несогласувањата со Груевски во претходните месеци, на средбите со Нимиц редовно бил придружуван од шефот на кабинет на премиерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...