Викендов повеќе автобуси до Средно Водно

296

Од викендов ќе биде зголемен бројот на поаѓања на автобуси на линијата 25, што сообраќа од Транспортниот центар до Средно Водно.

На оваа линија во ударните термини ќе возат по уште два автобуса за разлика од досега.

Како што информира Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП „Скопје“, редуцирани ќе бидат термините на поаѓања на линиите 25А (Автомакедонија/Стара железничка станица-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно).

„Измените во возниот ред се должат на анализите направени на ЈСП „Скопје“ и Град Скопје, при што беше утврдена преоптовареност на автобусите на линија 25, односно постои зголемен интерес на граѓаните за користење на јавниот превоз до Средно Водно од почетната станица од Транспортен центар. Истовремено, пак, помал број на граѓани од очекуваните користеле јавен превоз до Средно Водно со линиите 25А и 25Б, со почетна станица од Автомакедонија/Стара железничка станица и од Дом на печат“, се вели во соопштението од ЈСП „Скопје“.

Користењето на линиите 25, 25А и 25Б се бесплатни за време на викенди и државни празници. Одлуката ја донесе Град Скопје со цел помасовно користење на јавниот превоз за транспорт до Водно, како една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Линијата 25 функционира секој ден, освен во понеделник, а 25А и 25Б сообраќаат само за време на викенди и државни празници.

Граѓаните возниот ред можат да го погледнат на веб-страницата на ЈСП „Скопје“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...