Веќе втора година по ред, Виена е прогласена за најдобриот град за живеење. Главниот град на Австрија ги доби речиси сите поени во истражување што опфаќа 140 градови од целиот свет.
Виена привлекува туристи најмногу поради концертите на класична музика и империјалната историја, но и со зелените пространства, одличната услуга и високото ниво на безбедност. До пред две години Мелбурн седум години беше на врвот на оваа листа од 140 града во светот.
Париз падна за пет места, на 25-то, благодарение на немирите и демонстрациите на „Жолтите елеци” годинава. Последни во класификацијата се Дамаск, Лагос, Дака, Триполи и Карачи.
Листата од 140 градови се прави врз основа на: животниот стандард, стапката на криминал, инфраструктурата, транспортната мрежа, достапно образование и медицински услуги, економско-политичката стабилност… А сега, предвид се зема и влијанието на климатските промени врз квалитетот на животот. Во таа смисла, Каиро и Њу Делхи се посочени како градови со загаден воздух и недостаток на снабдување со вода.