И Груевски и Заев дојдоа како демократи, заминаа како автократи! Од устите им се прелеваа медени зборови, додека во пракса креираа систем, каде што поединци или групации од владејачката елита, користејќи ја моќта на државата:
– ги малтретираа или подмитуваа медиумите, за да ги претворат во агенти на режимот,
– го плашеа или уценуваа бизнисот, за да го стават под своја капа или да го уништат,
– ги купија или замолкнаа интелектуалците, за да не се слушне став, различен од нивниот.
Режимското владеење, нефункционалноста во системот, недоверба во државните органи, изедначувањето „партија – држава“, неспособноста на нашите државници да гарантираат фер избори…, ни ја донесе институцијата „Техничка влада“, како експеримент од Западот, со конкретна задача и со јасен „возен ред“.
Но, ниту во 2016 кога овој модел првпат беше применет, ниту сега, се покажува како функционален. Техничката влада се однесува несмасно – како слон во продавница за стакло. Функционерите кои привремено ги пополнуваат позициите министер или заменик министер, забораваат за што се поставени, се „гаѓаат“ со пресови и изјави, тераат партиски приказни… Но, не им е гајле и дека трошоците за нивната удобност во кабинетите, за кафето и сокот, за секретарката се покриваат од нашите пари.
А требаше да направат само едно: да покажат дека можат да соработуваат, иако се од различни партии и да овозможат фер избори. А за да се созададат такви услови требаше да работат, да соработуваат и да се насочат кон:
– создавање атмосфера за враќање во довербата во судскиот систем. Заедничката Влада на СДСМ и ВМРО, мораше и мора да покаже дека во Македонија, никој не е заштитен! За почеток мораше заедно и комплетно да го отворат просторот и судството целосно да го разјасни случајот „Рекет“.
– спречување на малтретирањето на администрацијата како и запирање на нови вработувања, кои треба да го смират незадоволството кај партијците од СДСМ. Ако 15 години се бара чаре за преобемната администрација, од каде сега пред избори потреба од нови преку 4.000 вработувања?
– поставување неколку клучни црвени линии – стратегии на државата за иднината, за запирање на егзодусот, за младите, за оживување на селата, за спортот…
И има и четврто, и петто… каде треба да се фокусира техничката влада, но – не! Министрите и од двете партии немаат капацитет да го сфатат тоа.
И оттука прашањето е бесни ли сте што експериментот „техничка влада“ не функционира? Ако одговорот е потврден, тогаш знајте дека не сте инфицирани од пропагандата на двете големи партии. И знајте дека бесот не само што е оправдан, туку е и потребен!
Всушност, бесот на граѓаните е и последната шанса да ја спасиме Македонија од нефункционалноста: преку поддршка на лица кои не се слуги на власта, преку поддршка на бизнисот кој креира нови вредности, за да се креира атмосфера различна од оваа во која нѐ влечат во поделби и застој.