Заврши вештачењето и на вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, потврдија за МИА од Јавното обвинителство, но како што посочуваат, детали не можат да споделат.
Вчера, пак, Канал 5 објави дека во телефонот нема ништо бидејќи бил форматиран со што било избришано се.
По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 23-ти овој месец беше пронајден вториот мобилен телефон на Јанева.
Телефонот, како што соопштија од Обвинителството, бил пронајден со следење на ИМЕИ бројот со помош на мобилен оператор и лицето кај кое бил телефонот рекло дека го добило на подарок.
По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон на Јанева и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен.
Телефоните на специјалната јавна обвинителка и се одземени и дадени на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13.