На автопатот немало траги од кочење на автобусот кој се првртел откако ја пробил и третата банкина и излетал од автопатот кај Ласкарци, рече професорот од Машинскиот факултет Милан Ќосевски, која заедно со тим од вештаци по налог на Основното јавно обвинителство (ОЈО), изготвиле наод за сообраќајната несреќа што се случи на 13 февруари кај селото Ласкарци, а во која животот го загубија 16 патници.
Тој на денешното судско рочиште рече дека ден по несреќата на 14 февруари извршиле увид на патот, на банкините, на возилото и на местото каде што бил автобусот кој го затекнале поставен во странична положба.
Според презентацијата на вештакот во судницата во Кривичниот суд во Скопје, поткрепена со фотографии, професорот Ќосевски објасни дека автобусот на „Дурмо турс“ прво удрил во првата банкина, но продолжил да се движи. Потоа удрил и во втората банкина и поминал на другата страна на автопатот. Тогаш, ја пробил и третата банкина, излетал од патот и се превртел.
Вештачењето на возилото покажало дека не станува збор за стар автобус. Тој имал функционален систем за сопирање, но не била исправна контактната табла.
Застапник на обвинението во случајот „Ласкарци“ е јавниот обвинител Дарко Јакимовски, а судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска.
Обвинети се шестмина – сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски се обвинети за соучество.
Photo: EPA / Frosina Novakovic