Вештак: Автобусот на „Дурмо турс“ покажувал 85, а возел со 100 км на час

На тахографот за време на несреќата била забележана брзина од околу 85 километри на час, што значи, како што појасни вештакот, дека возилото се движело со околу 100 километри на час.

144
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Во Кривичниот суд во Скопје на денешното рочиште за случајот „Ласкарци“ вештото лице Јосиф Ќосев потврди дека во автобусот на „Дурмо турс“, со кој на 13 февруари се случи трагичната несреќа, во која загинаа 16 лица, имало поставено уред за манипулирање на брзината.

Обвинителството побарало „Дурмо турс“ на Ќосев да му ги даде тахографите од уште два автобуса, кои сообраќале на линијата Скопје-Гостивар, и тој на нив пронашол траги од уреди за манипулација на брзина.

Ќосев појасни дека со уредите брзината била регистрирана за околу 15 проценти помала од реалната. Имено, уредите за манипулација, по несреќата, биле извадени од другите два автобуса.

На тахографот за време на несреќата била забележана брзина од околу 85 километри на час, што значи, како што појасни вештакот, дека возилото се движело со околу 100 километри на час.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...