Во седиштето на СДСМ вечер ќе се одржат состаноци и на Централниот и на Извршниот одбор на кои партијата треба да одлучува за отпочнување постапката за номинирање претседателски кандидати и за можноста заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Висок функционер од партијата за Плусинфо неофицијално брифира дека вечер треба да падне одлука дали ќе се оди и на парламентарни избори, додека за претседателскиот кандидат не се очекува да одлука туку само ќе се отвори внатрепартиска дебата.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција минатата недела во Владата беше порезервиран за одлуката за двојни избори и рече дека уште вечер може да биде донесена одлука, а постои можност таа да биде донесена и по неколку дена.
Тој нагласи и отиа е сигурно дека ќе почнат постапките за номинирање на кандидати за претседател на државата и кандидати за градоначалници на Ново Село, Охрид и Дебар, каде заедно со претседаталските ќе се одржат и избори на градоначалници.
Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски, кој е споменува и како можен консензуален кандидат, изјави дека ќе ја отворат постапката во однос на кандидатурите, која согласно партискиот статут, ќе се води од најниско ниво, а на крајот ќе одлучува Конгресот на партијата во однос на утврдувањето кандидати.
Во однос на рокот кога СДСМ ќе го одржи Конгресот, Спасовски рече дека тоа ќе биде решено на утрешните седници на Централниот и на Извршниот одбор на партијата.
-Не би сакал да шпекулирам со датуми, но ќе знаеме точно со рокови кога и кои дејства ќе бидат спроведувани и кога би го знаеле кандидатот на СДСМ. Најважно е целата таа постапка да биде испочитувана, да ги погледнеме и истражувањата на јавното мислење. Нашиот претседател веќе најави дека имаме повеќе кандидати. Верувам дека ќе го направиме најдобриот избор – рече Спасовски изразувајќи уверување дека претседателот на РМ во наредниот мандат ќе биде од редовите на Коалицијата предводена од СДСМ.