Вечер како создадена за оставки на Бихаќка

СДСМ нема време за чекање. Сѐ што мора да се случи треба да се случи не утре или следниот месец, туку уште вечерва, на најавената седница на Централниот одбор на СДСМ. Оставките на неколку кадри директно поврзани со осомничениот Бојан Јовановски и извинувањето на еден суетен лидер до партиската база и до симпатизерите на СДСМ, се цената што треба веднаш да се плати, во обид да се создаде вечаток дека владејачката партија искрено и енергично се бори за расчистување на аферата „Рекет“.

22155

Неколку часа пред Кривичниот суд да ѝ определи триесетдневен притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на адреса на тројца мои пријатели ковертирав коментар, во кој напишав дека сė во врска со Јанева и аферата „Рекет“ засега се одвива според сценариото за кое слушнав пред десетина дена. „Финишот треба да биде домашен притвор и на крајот банално обвинение, за жената да не била претерано посрамотена“, напишав, но предупредив дека не знам дали тоа сценарио ќе се обистини.

За среќа, се покажа дека моите страхувања биле неоправдани. Се разбира, не сум наивен и сѐ уште не можам да потврдам дека постои целосна спремност оваа афера да се затвори на тој начин што ќе има и правда и политичка одговорност. Медиумите и јавноста треба случајот да го следат внимателно, бидејќи постојат очигледни тенденции за забавување на истрагата, за нејзино  дефокусирање, но и притисок таа да се ограничи на тројцата осомничени. А тоа, како што на сите ни е јасно, нема да биде можно.

Истрагата да ја следиме внимателно и без фаули!

Кога велам дека случајот мора да се следи внимателно, ги предупредувам колегите новинари, особено оние од помладата генерација, внимателно да ги слушаат исказите и да ги читаат коминикеата на обвинителите, за да не ни се случи она што ни се случи вчера – медиумите, главно поради површност и од незнаење, ја доведоа во заблуда јавноста, со тврдењето дека Катица Јанева е уапсена за мебел од 5.000 евра.

А соопштението на обвинителите беше совршено јасно: Катица Јанева ја искористила својата службена положба и овластувања, кои ги има согласно законите, па за себе и за двајцата осомничени, против кои се води истрагата, прибавила имотна корист во значителен износ, и тоа за себе предмети – мебел во износ од 298.000 денари, кои за неа ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавила имотна корист од 1,5 милиони евра. Јанева е осомничена за кривично дело Злоупотреба на службена положба по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Ставот 3 прецизно кажува дека за прибавување „имотна корист во значителен износ“, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 3 години.

Сево ова уште синоќа го напишав во Фејсбук, во обид барем еден дел од јавноста да ја сфати тежината на одлуката на обвинителката Вилма Русковска да ја осомничи „ризичната“ и „опасна“ Катица Јанева, за дело за кое е запретена висока затворска казна. Тоа, заедно со одлуката на Управата на јавни приходи да изврши контроли кај физичките и правните лица поврзани со случајот „Рекет“ (невладината организација Меѓународен сојуз, БМЈ груп, 1ТВ и други), покажува дека во еден дел од контаминираниот правосуден систем, сепак, постои волја овој скандал правно да се расчисти до крај. И затоа, како новинар кој ја отвори аферата, уште еднаш упатувам апел до сите кои немаат мир без правда (било како засегнати, било како обични луѓе кои се срамат од ова што ни се случува пред очите), да ја поткрепат истрагата. Ако можат, да помогнат. Ако не, да не одмагаат. Без фаули, молам.

Време е за политичка одговорност во СДСМ

Најважно е овој апел да го разберат политичарите, посебно од владејачкиот СДСМ. Аферата „Рекет“, за жал, е нешто повеќе од лажната вест што ја кажа премиерот Зоран Заев, имено дека наводно станувало збор обид на „една група криминалци“, на „еден суетен новинар“ и на „еден педер“ да ја урнат власта. Во неколку написи, укажав на директни конекции на функционери од државниот врв и од раководството на СДСМ, како со луѓе од таа „група криминалци“ за која зборува Заев (патем речено, сѐ уште неосудени, а некои и необвинети), така и со човекот што тој го именуваше како „еден педер“. Впрочем, за овие конекции постојат видливи материјални докази, вклучувајќи и десетици видео-снимки и фотографии. Ако смеам да додадам, срамни видео-снимки и фотографии! Претпоставувам дека утре, во кампањата за следните парламентарни избори, овие фотографии ќе ги гледаме на билбордите, а видеата ќе се вртат на порталите и на телевизиите, како крунски докази против партијата која дозволила нејзини врвни кадри непромислено да го крунисаат кралот на рекетот, да му дадат силна морална и политичка поддршка и со тоа да му овозможат да ја сплете својата злосторничка мрежа.

Како ќе се преживее тој срам, ако продолжат овој молк во СДСМ и комичните обиди одговорноста да се префли на други субјекти? Многу тешко…

Без политичка одговорност во раководството на СДСМ, без темелно прочистување што подразбира оставки и смени на сите партиски кадри кои на било кој начин, макар и со најдобри намери и блажено незнаење, учествувале во градењето на царството на рекетот, партијата на Зоран Заев нема да успее да го острани впечатокот дека е заштитничка на криминалните активности во аферата „Рекет“. Таа перцепција од домашната полека се шири и во меѓународната јавност и прашање е на ден кога ЕУ јасно и гласно ќе ни порача дека расчистувањето со скандалот е услов за добивање датум за преговори.

СДСМ нема време за чекање. Сѐ што мора да се случи треба да се случи не утре или следниот месец, туку уште вечерва, на најавената седница на Централниот одбор на СДСМ. Оставките на неколку кадри директно поврзани со осомничениот Бојан Јовановски и извинувањето на еден суетен лидер до партиската база и до симпатизерите на СДСМ, се цената што треба веднаш да се плати, во обид да се создаде вечаток дека владејачката партија искрено и енергично се бори за расчистување на аферата „Рекет“. Тој впечаток може да заврши работа во овој политички спринт (пред најавената „експлозија“ на нови „бомби“ и спинови), но на долги патеки, тоа треба да биде само вовед во многу подлабока и посуштинска реформа на партијата.

За тоа, сепак, друг пат…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...