Претседателот на парламентот Талат Џафери одлучи да ја продолжи денешната собраниска седница и по 18 часот, откако во текот на целиот ден пратениците не успејаа да го усвојат дневниот ред .
По речиси седум часа од почетокот на седницата дневниот ред беше усвоен и, според последното ажурирање, има 125 точки.
Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го обвини Џафери дека направил хаос од денешната седница, соопштувајќи прво дека некои од предлог-законите на опозицијата не се доставени, за потоа да каже дека тие се пристигнати кај службите. Откако претседателот на Собранието го прочита дневниот ред, за збор се јавуваа само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.Бараа некои од точките да бидат прераспоредени или сосема тргнати, но мнозинството не ги поддржа во намерата. ВМРО-ДПМНЕ бараше и информацијата за аерозагадувањето да биде втора точка на седницата, што не беше одобрено од мнозинството пратеници.
Оценка на ВМРО-ДПМНЕ е дека владејачкото мнозинство сака на само една седница да сработи нешто што не успеало во претходните две години од мандатот.
-Како опозиција ве предупредувавме дека ништо не работите, а доказ за тоа е и денешната седница. Со само една седница сакате да сработите скоро половина од она што не сте го направиле за изминатите две години. Го трчате последниот, вашиот очајнички круг, во кој опозицијата нема да ви помогне – истакна Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.