Ансамблот на НУ Народен театар Битола вечерва во 20 часот на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Аждер“ на Евгениј Шварц во режија на Владимир Милчин.
Како што велат од Битолскиот театар, во горчливата претстава за возрасни, ќе настапат 24 актери, а улогата на градоначалникот ја толкува актерот Марјан Ѓорѓиевски.
– Очекувам успешна претстава која ќе живее и провоцира. Очекувам дебата за претставата и отворање на многу прашања. Авторот Евгениј Шварц напишал „не залудно на земјава беше испратена ти, душо моја мека“, а всушност такви сме ние театарските работници, и не смееме да заборавиме да бидеме живи и емпатични – нагласи Ѓорѓиевски во пресрет на вечерашната премиера на „Аждер“ во Битола.
Инаку, првиот обид, текстот „Аждер“ да се постави на театарска сцена бил направен од режисерот Николај Акимов во 1944 година со театарот во Ленинград, но претставата била забранета веднаш по премиерата, а забрана имало и при вториот обид во 1962 година.
Во историјатот за претставата „Аждер“ се посочува дека таа успешно била изведувана во Берлин во периодот од 1965 до 1981 година, француската публика ја гледа во1967 година, но сказната за возрасни не ја видел авторот Евгениј Шварц кој починал на 15 јануари 1958 година.
Мотивот за плакатот е од сликата „Аждер“ на академскиот сликар Петар Мазев.