Ветингот би се реализирал по изборите и првичните размислувања се со него да бидат опфатени судиите и обвинителите, велат за Плусинфо од Министерството за правда. Впечаток е дека ветингот повторно стана топ тема откако за краток период се случија неколку бегства на осуденици поврзани со политичари и откако ЕУ порача дека во секторот за правда сакаат да видат професионалци.
Еврокомесарката за правда Вера Јурова, која беше дел од Самитот на министри за правда кој се одржа во Скопје, за ветингот порача дека Македонија може да го следи примерот на Албанија.
– Ние сакаме да видиме дека секторот за правда е полн со професионалци и лица со доверливост, со морален интегритет за кој нема сомнежи и не се става под знак прашалник нивната професионалност. Процесот на ветинг е еден од процесите кој ќе се користи за да се гарантира ова. Ние го слушнавме министерот на Албанија за текот на процесот таму. Не е лесна работа. Во Северна Македонија не е започнат, но сигурна сум дека земјата ќе го искористи овој начин за тоа како да ја гарантира високата репутација во секторот правда – изјави вчера Јурова.
Министерката за правда Рената Дескоска вели дека постојат бројни земји и примери кои може да се следат кога е во прашање ветингот наведувајќи ги испитувањето на имотна состојба, влијанието од лоби и адвокатски групи во носењето и одложувањето на нивните одлуки.
Целосен ветинг во судството беше изборно ветување на СДСМ, но потоа се пишмани со образложение дека од ЕУ не добиле виза бидејќи ќе немало доволно судии и обвинители. Владиниот партнер на Зоран Заев, Али Ахмети преку пратеничката група на ДУИ достави предлог за целосен ветинг, односно за проверка не само на судиите и обвинителите туку и на сите функционери. Но СДСМ го изигнорира предлогот на ДУИ, за потоа да ја пласира идејата за мек ветинг, односно проверката на судиите и обвинителите да ја спроведе Државната комисија за спречување на корупцијата. Според ова, за ветингот во правосудството ќе немаше потреба од посебен закон.
Сега, од Правда најавата е дека по изборите ќе се оди со законско решение за ветинг и дека во фокусот би биле судиите и обвинителите.
И од ДУИ проценуваат дека веќе нема време за закон за ветинг и дека тој би се носел по изборите. Од партијата на Ахмети остануваат на нивниот предлог дека е потребен двостепен ветинг со кој освен судиите ќе бидат опфатени и сите носители на функции, односно политичарите. Сега од партијата на Ахмети ликуваат.
– Кога предложивме целосен ветинг на политичарите, судиите и обвинителите за да постигнеме неселективна правда и владеење на правото, двете македонски партии се двоумеа, а денес гледам ја прифаќаат нашата иницијатива и ја сметаат како неопходна – вели пратеникот Артан Груби.
Од ДУИ велат дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ првично го одбиле нивниот предлог, но откако им ја објасниле идејата за двостепен ветинг добиле позитивни сигнали од двете партии. Двостепеноста на проверката на функционерите, судиите и обвинителите би се состоела во тоа дека ветинг ќе се спроведе само на тие кај кои преку проверка ќе се утврди дека има несовпаѓање со пријавениот имот, за да не се создаде клима на лов на вештерки.