Иако ветингот во МВР се најавува веќе одреден период, најверојатно ќе се спроведе следната година. Потребно е прво да се изготви законски решение.
Тоа е сериозен процес, вели министерот Оливер Спасовски, кој треба да заврши добро за институцијата, но и процес кој ќе наиде на голем број препреки и одвнатре и однадвор. Нема да биде едноставен и лесен и мора да се води транспарентно.
Ќе се врши по три основи – персонално досие, имотна состојба и критеруми. Ќе се формираат комисии кои ќе работат на ветингот, а ќе има и една надворешна комисија со експерти. На ветингот ќе бидат подложени сите – од чистачка до министер, додава Спасовски.
Надворешен механизам за контрола на полицијата
Од почетокот на оваа година треба да профункционира и надворешниот механизам за контрола на полицијата или полицискиот омбудсман. Веќе е воспоставено такво одделение во Обвинителството за организиран криминал.
Овој проект се спроведува преку Советот на Европа, Јавното обвинителство за организиран криминал го формирало одделението и тие обвинители ќе се занимаваат исклучиво со работата на полицските службеници.
Спасовски смета дека овој механизам нема да ја ограничи полицијата во нејзината работа, напротив ќе влијае позитивно. Целта е полициските службеници да станат свесни дека нивното однесување треба да биде врз основа на сите правила и прописи, од нивното поведение па се до нивните овластувања.
Уверен е дека во почетокот ќе има обиди за злоуотреба на овој механизам, можно е луѓето за се и сешто да поднесуваат претставки кај Народниот правобранител, но верува дека тој период ќе помине.
Министерот најави и отворање на дебата за изнаоѓање механизми за заштита на полициските службеници, по зачестениот број случаи на напади врз службени лица изминатиот период.