Претстојниот референдум е историска пресвртница за Македонија но и за целиот регион. Мојата порака е излезете на референдум и гласајте „За“ за иднина на Македонија и на целиот регион, бидејќи никој нема да ни помогне ако сами себе не знаеме да си помогнеме.
Ова во изјава за МИА денеска го порача Весна Пусиќ хрватска политичарка од редовите на Хрватската народна партија-либерални демократи (ХНС) и поранешна шефица на хрватската дипломатија.
Пусиќ оцени дека на Македонија и беше нанесена голема неправда што во 2008 година не доби покана за членство во НАТО.
– Политички скапо ја плативте таа одлука, но сега Македонија има ситуација во кога е на прагот на да донесе апсолутно историска одлука. Ова е тешка одлука и е компромис, но де факто кога ќе помислам што се Хрватска одлучуваше за да влезе во Европската унија… Кога еднаш ќе влезете во ЕУ и во НАТО тоа во прв ред е еден вид безбедносен чадор и стабилност – рече Пусиќ.
Таа истакнува дека затоа овој чекор е многу важен и оти натаму се ќе зависи од граѓаните на Македонија.
– Не давајте на работите на кои никој нема ни да се сеќава како на проблем за пет години, да ја упропастат иднината на оваа земја, а особено иднината на оние генерации што доаѓаат – оцени Пусиќ.
На прашањето за значењето на регионалната соработка, вели дека таа денес е позначајна од било кога, а е помалку ценета и помалку форсирана.
– Пред десет години регионалната соработка беше мантра, а денес многу политичари се обидуваат и сами и своите земји да ги „седнат во скутот“ на некои големи сили – Русија, САД, Кина, Турција, некојпат и на помали сили, и се потпираат дека тие големи сили ќе ги поддржат, без оглед на тоа што се тие прават. Регионалната соработка тоа не го дозволува. Таму силата доаѓа од отвореноста и способноста да разговарате и да најдете решенија со луѓето од другите земји кои било да се или не членки на ЕУ, тие се географски тука. И тоа е важно да се запомни. За ниту една земја тука животот не може да биде подобар и попросперитетен ако регионот пропаѓа и се распаѓа и е премрежје на конфликти – оценува Пусиќ.
Пусиќ беше шеф на хрватската дипломатија од 2011 до 2016 година, а во 2016 се кандидираше и за генерален секретар на ОН.
Таа денеска во Скопје присуствува на форумот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН) по повод десетгодишнината од нејзиното формирање.