Сите балкански земји треба да бидат дел од ЕУ колку што е можно побрзо. Интегрирајте го Балканот во ЕУ и сте ги решиле сите проблеми, рече во своето обраќање на Форумот на „Економист“, Ги Верхофштат, поранешен премиер на Белгија и член на Европскиот парламент.
Според него, потребата за проширувањето со земјите од Балканот е од економски, политички и геополитички причини односно потребата да се стабилизира и да се сопре враќањето на насилството во регионот.
– Постојат препреки во ЕУ и верувам дека ќе бидат решени. Се надевам дека во октомври Европскиот совет ќе донесе позитивна одлука и ќе ги започне преговорите, а потоа ќе видиме како ќе се одвиваат преговорите, рече Верхофштат.
Тој смета дека се уште има отпор кај одредени членки на ЕУ во однос на проширување кои се плашат од одредени мигрантски процеси, но вели на долг рок миграцијата на младите луѓе не треба да се гледа како негативна појава бидејќи примањето на нови членки ќе ја реши иднината на младите.
Во моментов, вели Верхофштад, нема голем ентузијазам за проширувањето што е резултат на нивните грешки кога ЕУ во минатото се отвори за 10 нови членки.
Во однос на проширувањето, нагласи дека кога се зборува за овој процес не треба да се заборави на продлабочувањето на Унијата бидејќи во услови кога ЕУ брои 27 членки, а може да брои и 30 не може да се управува на ист начин.
– Не можете да водите 30 држави, еден цел континент, ако имате правило на едногласност при секое донесување одлука. Ако сакаме да ги прифатиме балканските држави во нашата Унија мора секогаш да размислуваме на идната структура за да може да ги решиме проблемите со донесувањето одлуки.Ние мораме да го отфрлиме правилото на едногласност оти само на тој начин ЕУ ќе може да продолжи со процесот на проширувањето и да раководи со 30 членки, рече Верхофштат.