На Божикниот ручек во Прилеп, митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар побара повторно да се воведе веронаука како задолжителен предмет во училиштата.
И тука нема ништо спорно.
Но, она што мене особено ме изненади беа токму неговите чудни аргументи и образложенија зошто всушност веронауката е потребна во образовниот систем.
Имено, како што предупреди владиката, без веронаука во иднина ќе ни се случувале уште многу Катици Јаневи, ќе ни се случувале безброј Боки Тринаесетки, ќе ни се случувале уште еден куп лоши работи. Па, како што појасни на крајот, со веронауката сето тоа ќе исчезнело.
Види мајката! Решението на проблемот со криминалот во земјава да ни бил постојано пред очите, а ние, слепци, не сме го забележувале. Упорно сме ги праќале децата на училиште со надеж дека ќе се образуваат и дека ќе тргнат по вистинскиот пат, а всушност, не сме биле ни свесни оти тие наши мали и префригани ангелчиња навечер сонуваат Луј Витон торби наполнети со банкноти од 50 евра.
Не, владико. Вашите аргументи воопшто не држат вода, особено кога ќе се сетиме дека веронауката како предмет во училиштата кратко беше воведена и во времето на поранешната власт, па сега имаме неколку осудени ексфункционери, како и еден пребеган експремиер.
Целта на воведувањето на часовите по веронаука во училиштата треба да биде за децата да се запознаат со православната вера и со другите религии, а не за на тој начин да се бориме со криминалот во земјава.
Можете вие и многу посилен аргумент да смислите.
Христос се роди!