Универзитетскиот професор од Kaтедрата за македонски јазик Венко Андоновски и Александар Ружин, син на поранешниот дипломат и актуелен професор на ФОН, Нано Ружин, се нови советници на премиерот Зоран Заев, објави Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ Македонија.
Од Владата, за Плусинфо, велат дека тие немаат ангажман на советник во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија туку се ангажирани како надворешни соработници со времен ангажман.
Андоновски договорот го потпишал на 8 јануари 2019 и трае до крајот на годината. Предмет на договорот, како што информираат од Владата е: „Осмислување на структурата и функцијата, изготвување и испитување конкретни можност на терен за отворање Државен македонски центар за култура во Србија“. Месечниот надоместо му е 40.000 денари.
Ружин, пак, е ангажиран на 28 јануари годинава и договорот му е до крајо на 2019. Неговиот ангажман е за „Економска, социјална и културна соработка на РСМ со државите на Бенелукс и Франција“, а месечниот хонорар е во висина од 50.000 денари.
– Категоријата Надворешен соработник претставува ангажман на лица според лична одлука, во случајов на Претседателот на Владата, Зоран Заев и истиот ангажман не предвидува објавување на оглас бидејќи не станува збор за вработување туку ангажман со времен рок. Работниот ангажман на надворешните соработници зависи од конкретните активности дадени од страна на претседателот на Владата – велат од Илинденска бр.2.
Во однос на советниците, пак, од Владата велат дека досега професионално се ангажирани 9 советници и 12 посебни советници.