Велимир Жерновски: Монструозноста на капиталот ќе нѐ голтне сите, доколку дозволиме!

Самостојната изложба со наслов „Отаде црнилото“ на ликовниот уметник Велимир Жерновски, може да се види до 1. јули во Музејот на современа уметност во Скопје.

803

„Дух“ е едно од најневеројатните искуства за мене, бидејќи секогаш сум сакал да работам со театар, а во последно време сценографијата ми е посебен предизвик, вели уметникот Велимир Жерновски.

Самостојната изложба со наслов „Отаде црнилото“ на ликовниот уметник Велимир Жерновски, може да се види до 1. јули во Музејот на современа уметност во Скопје. Проектот на Жерновски споделува загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот. Освен со изложбата „Отаде црнилото“, овој уметник е актуелен и со работата на сценографијата за претставата „Дух“ која се изведува на сцената на МНТ.

Што има зад црнилото?

– Зад црнилото може да има многу работи, но секогаш потои можност да нема ништо. Изложбата се занимава со неизвесноста и со поимите поврзани со човековото разбирање и поимање на непознатото. Во последните педесет години, сите наши умствени и технолошки капацитети се насочени кон откривање на тајните на космосот, како и на причините зошто и како животот станува возможен, надвор од теолошките објаснувања. Но, она што остава простор за неизвесност е протокот на информации за овие наши „големи“ откритија во глобалната јавност. Тој момент на несигурност во пораките од пласираните информации остава можност за најразлични интерпретации и индивидуални толкувања кон она што претставува нашиот универзум и каде сѐ може да делуваме и замислуваме во тоа мноштво на непознати. На некој начин, гледам порта за индивидуална утеха во сета таа неизвесност.

Каква порака пренесуваш со поставката?

– Стивен Хокинг во едно од своите подоцнежни предавања за црните дупки, многу вешто и поетски прави паралела со состојбата на човекот во контекст на универзумот со состојбите кој индивидуално го мачат човекот како анксиозноста, депресијата, затвореноста, отуѓеноста и тн.. Сите оние состојби со кои живеат сѐ повеќе луѓе на планетата. Така и оваа изложба е посветена токми на овие „затвори“ кои нѐ оневозможуваат да бидеме функционални во системот на капиталистичкото општество. Но дали е тоа така? Дали ова се вечни затвори и дали навистина не постои излез? И дали само овој, познатиот универзум, оној на капиталот, е она на кое мораме по секоја цена да се прилагодиме. За да бидам појасен, за релацијата повторно ќе се послужам со цитатот од Хокинг: „… црните дупки не се толку црни како што се претставени. Тие не се вечни затвори како што некогаш биле замислувани. Работите можат да излезат од црна дупка, одвнатре, а можеби и кон друг универзум. Значи, ако мислиш дека си во црна дупка, не очајувај. Има излез.“

Ескпериментираше со 3D испечатени скулптури изработени од биоразградлив и биоактивен термопластичен материјал, односно, акцентот е ставен на природните материјали. Каде, во меѓувреме, го загубивме контактот со природата?

Не само што го изгубивме контактот, туку ние воопшто и не сме свесни дека поимот за природа веќе има многу пошироко значење за нас како вид. Природата оддамна не се дрвата и животните кои немилосрдно ги поклавме низ вековите, да не зборувам за милионите човечки животи изгубени во име на некои лажни идоли и идеали. Мора еднаш за секогаш да сфатиме дека природата значи една поголема слика во која ние и не сме баш толку важни, умни и големи. Сетете се само на прекрасната порака на Карл Сеган снимена пред децении за Бледата сина точка, порака инспирирана од првата најоддалечена слика направена од нашата планета, од едно од двете „Патник“ (Voyager ) летала, испратени во длабочините на космосот да ја пренесат пораката за нашето постоење. Сега, после сите податоци добиени од Хабел телескопот, нѐ чека нова ера на сознанија кои се очекуваат да допрат до нас преку Џејмс Веб Телескопот, кога се надевам ќе ја разбереме нашата понизна и, во моментов, безначајна улога во природните текови на нештата.

Во што особено ти боде очи „монструозноста на капиталот“ на овие наши простори?

– Монструзноста на капиталот полека, но сигурно, ќе не голтне сите, без разлика каде се наоѓаме. Доколку дозволиме!

Твоја е сценографијата на актуелната претстава „Дух“ која се игра на сцената на МНТ, по текст на Дејан Дуковски. Како го доживеа преминот од ликовна во театарска уметност и како течеше соработката со режисерот Јаниќиевиќ. Што режисерот бараше, а што се постави на сцената?

– Ах, „Дух“. Тоа е едно од најневеројатните искуства за мене, бидејќи секогаш сум сакал да работам со театар, а во последно време сценографијата ми е посебен предизвик. Но, уште поголем предизвик беше да се работи на овој текст заедно со целата екипа. „Дух“ е еден текст во кој сите ние се пронајдовме и со сета љубов и знаење влеговме во реализација на претставата, која продукциски е еден од најамбициозните проекти на Македонскиот народен театар. Се познаваме долго и со Дејан и со Срѓан и секако дека делиме многу идеи и концепти, но мислам дека после ова искуство остваривме еден појак фронт и со нетрпение очекувам нови соработки.

Страшно ли е денес во Македонија да се мисли поинаку, или неполезно е, и покрај промената на власта?

– Секогаш е полезно да се мисли и делува поинаку. Сѐ додека сме иновативни во пристапите ќе успеваме да придонесеме за промена.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...