Владејачката Православна социјалдемократска партија на Македонија (ПСДМ) велигденските празници ги дочека, традиционално, ортодоксно-социјалдемократски: со многу свеќи, задушлив темјан, шарени јајца, заклани јагниња и јариња за крај на постот и со христоси кои воскреснаа низ целата земја македонска!
Браво. Баш како што доликува на една конфузна левичарско-центристичка партија во која нема согласност околу тоа кој колкав данок треба да плаќа во општеството, но затоа нема дилеми дека божествените провиденија и останатите придружни верски визвишенија треба доследно традиционалистички естрадно да си се прослават. Значи, не како приватно духовно право да си верува кој во што сака, туку со голема публичност, со камери и фоторепортери на сите страни, со туркање во првите минути на вестите, на насловните страници на весниците и со ударните објави на интернет-порталите, за да не се пропушти шансата да се покаже колку социјалдемокративе се „блиски до народот“.
Низ црквите, верниците тешко се пробиваа до распеаните велигденски попови и владици, изолирани од кордоните актуелни локални и државни функционери, насликани во првите епархиски редови. Претпоставувам дека групно го молеа Господ да им го овозможи божјото чудо на земјата од областа на инфраструктурните инвестиции, решавањето на спорот со името, структурните реформи и приемот на Македонија во ЕУ и НАТО.
За да нема забуни, дури и на официјалната партиска интернет страница на СДСМ, генералниот партиски секретар Кирацовски, „во духот на христијанските вредности“, ни го воскресна, навистина ни го воскресна Христос!
Додадете ја на тоа кичерајската верска хистерија на социјалдемократите на Фејсбук и едниот милион вибер-групи за трошење на христијанските телефонски батерии со бесмислени, иако несомнено добронамерни за-многу-години-празникот пораки – и сликата (да не кажам оваа пара-велигденската икона) е комплетна.
Социјалдемократи? Мај ееес! За Велигден (како и за Божик, Богојавление, Богоспасение, Крстофрлание и Крстофаќание) СДСМ повеќе наликува на некаква провинциска верска организација која, веројатно кога Господ паднал жртва на попладневна дремка, некако успеала да воскресне на власт глумејќи побожност.
Во Македонија, евидентно, никому не му пречи сквернавењето на Уставот, кога е секуларниот карактер на државата во прашање. Да потсетам, според членот 19, став 3, од Уставот, сите верски заедници „се одвоени од државата и се еднакви пред законот“. Во практика, не се. Ама кога е верата во прашање, тоа никому како да не му пречи.
А знае ли СДСМ колку од неговите гласачи не се побожни иле не се ни ортодоксни христијани, впрочем? Тие што да прават – да се организираат во изворна социјалдемократска фракција во партијата?
МПЦ токму сега, „под СДСМ“, ги доживува своите ѕвездени мигови. ВМРО со години презриво ги третираше владиките на МПЦ повеќе како вработени (и добро платени) спиритуални службеници, како општински секретари за (ограничени) духовни прашања во вмровската демохристијанска корпорација на власт. Во вмровската хиерархија на вредности, митрополитите им се на видно пониско ниво од гатачките и астролозите на Георгиевски и Груевски, можеби и затоа што вториве редовно им предвидуваа „дека ги чека далечен пат“ и „многу пари“.
Кај денешново СДСМ, пак, неколку видни министри, на чело со премиерот, како да се натпреваруваат кој ќе покаже поголема снисходливост и покорност кон нашава православна номенклатура. (Премиерот, да ве потсетам, и лично собираше донации за црквата во Струмица, нели…) МПЦ сега високо се вивна во политиката на нацијата со барањето за „посвојување“ до БПЦ, а владиката Наум е веројатно највлијателниот, не само духовен, туку политички советник на премиерот Заев. (Што, инаку, е комплексна „распутиновска“ тема која заслужува многу посериозно да се истражи.)
Значи, ако се држиме кон социјалдемократијата, и кон црковно-верските прашања, сегашниот СДСМ како да негува една идеолошки конфузна, вредносно збркана, политички контроверзна и кадровски нејасна политика.
Добро, можеби Христос навистина бил првиот реален социјалист на планетава Земја, но не верувам дека нашиве модерни сдсмовци ја имаат таа идеолошка финеса предвид кога за Велигден, невкусно, ни се натураат со своето јавно верско дефиле. Не бива од верата да се прави дневно-политички карневал. Особено не од страна на СДСМ, добога!