Во велешко Караслари отворена e градинка за 40 деца. За опремување на објектот „Пинокио“ се издвоени околу 850 илјади денари.
Министрите за труд и социјална политика и за финансии, Мила Царовска и Драган Тевдовски заедно со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, денеска ја отворија првата градинка во велешкото село Караслари.
– Нашата цел е континуирано да ги зголемуваме просторните капацитети на детските градинки во земјава и во предшколските програми да ги вклучиме и дечињата од руралните средини кои досега немаа таква можност. Затоа како Влада посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој – рече Царовска на отворањето на градинката во Караслари.
Министерот за финансии Тевдовски истакна дека се вложува во градинките, но и во кадарот кој работи со децата.
– Од септемвриската плата исплатена во октомври предвидено е покачување од 5%, за сите околу 4.300 вработени во градинките – изјави Тевдовски.
Тевдовски додаде дека се работи на проект вреден 35 милиони евра за изградба на градинки, во соработка со Светската Банка.
Владата продолжува посветено да работи на подобрување на условите во градинките и јакнење на капацитетите и кадарот. Од 01 јануари годинава досега МТСП обезбеди финансиска согласност за вработување на над 900 лица од кои поголемиот дел се на неопределено време.
Низ Македонија од јуни лани до јули годинава се отворени 11 нови објекти. До крајот на годинава е предвидено да се отворат уште 11 нови градинки. За изградба, опремување и одржување на градинките за годинава од Буџетот на државата се обезбедени 41,6 милиони денари.