Вдомени се 10 кучиња во отворените денови за вдомување бездомни животни, што од 4 до 10 октомври ги организираа ЈП „Комунална хигиена“ и Стационарот „Вардариште“.
Како што информира Град Скопје, 60 кучиња што беа достапни за вдомување, претходно беа прегледани од ветеринарен доктор, беа стерилизирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити и вакцинирани од беснило.
„Граѓаните заинтересирани да вдомат бездомно куче и да му ја подарат својата љубов и грижа во оваа акција имаа можност да земат миленик без паричен надомест. За таа цел, вратите на стационарот „Вардариште“ во периодот од 4 до 10 октомври беа отворени секој ден, од 9 до 19 часот“, информира Град Скопје.
Акцијата за вдомување кучиња се организираше во рамки на одбележувањето на 4 Октомври – Светскиот ден посветен на заштитата на животните.
Градот Скопје ги потсетува љубителите на животни дека доколку се одлучат да вдомат бездомно куче од стационарот „Вардариште“, тоа може да го направат и во деновите од вторник до сабота, од 9 до 13 часот.