Претседателот на УФЦ, Деjна Вајт, истакна дека може да биде договорена борба помеѓу Флојд Мејведер и Хабиб Нурмагомедов, но таа ќе се одржи според правилата на неговата организација.
– Ако Мејведер сака да се бори со Хабиб, тоа ќе биде во рамките на УФЦ. Нема да боксуваме против него. Еднаш го направивме тоа, доста беше! Доколку сака да се бори ќе добие вистинска борба, вистинска тепачка – наведе првиот човек на најсилната организација во рамките на ММА.
Нурмагомедов по неодамнешната убедлива победа над Конор Мекгрегор и одбраната на титулата во лесна категорија, најави дека планира дуелот со Мејведер да се одржи во Москва на стадионот „Лужники“ пред 100.000 гледачи.
Претходно, Мејвејдер се соочи и со Мекгрегор, а ирскиот борач во десетата рунда целосно беше истоштен и по неколку примени удари го загуби мечот.
Вајт и неговиот тим знаат дека средствата од продажбата на билети и од телевизиските права за вакви борби достигаат и до десетина милиони долари, но сепак првенствено внимаваат на кредибилитетот на УФЦ, бидејќи ваквите соочувања често стануваат циркус.