Неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија е катастрофална одлука што го поткопува кредибилитетот на ЕУ и нејзините институции кај сите земји со кандидатски статус, оцени Иво Вајгл, поранешен словенечки пратеник во Европскиот парламент и известувач за земјава во периодот од 2014 до 2019 година.
Во интервју за Еуропијан Вестерн Балканс, Вајгл силно го критикува неуспехот на Европскиот совет да и даде датум за отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија.
– Би рекол дека ова едноставно е измама. Ова не е прифатливо за која било земја дури и за Франција, да блокира ваква работа против желбите на сите, дури и ја засрамува Европската унија – рече Вајгл.
Тој потсетува дека беше еден од потписниците на предлогот за доделување на Нобеловата награда за мир на Алексис Ципрас и Зоран Заев, посочувајќи дека Договорот од Преспа е еден од ретките позитивни случаи во овој дел од светот со кој еден сложен политички проблем беше решен на демократски начин.
– И некој сега тоа го фрли во корпа за отпадоци и ги обезвредни напорите на овие државници, со што потврди дека оние кои беа против овие договори се во право – вели Вајгл.
Според него, ова испраќа лоша порака до оние кои работат на слични договори во регионот.
– Тие ќе се запрашаат себеси ако ЕУ може, зошто не и ние? На овој начин кредибилитетот на европската политика, воопшто, е поткопан – нагласува поранешниот европратеник Иво Вајгл