Словенечкиот европратеник во заминување и известувач за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, во интервју за МИА говори за македонската успешна приказна во Европа, за Преспанскиот договор и проширувањето, за СЈО, претседателските избори и опасноста од бојкот. Но, Вајгл говори и за иднината на Европа и за тенденциите на орбанизација, салвинизација или елепнизација на европскиот политички ракурс.
Која е вашата општа проценка за Македонија сега кога завршува вашиот пратенички мандат во Европскиот Парламент?
– Македонија е сигурно една од тие успешни приказни, приказна за успехот на дипломатијата и политиката, мислам дури и дека е најголемиот успех на сите кои се занимавале со проблемите во Македонија. Се разбира, добро ги знам проблемите во Македонија, дека не е сѐ завршено, дека се ближат претседателски избори и знам дека сѐ уште има дилеми околу Преспанскиот договор, има партии, ВМРО, луѓе кои мислат дека Македонија не требала да прави толкави отстапки за да го обезбеди својот пат за ЕУ и НАТО. Но, тоа се сѐ хипотези. Јас сум уверен дека сѐ што е направено беше оправдано и дека иднината тоа ќе го потврди. Нема сомнеж дека ЕУ е целта која Македонија мора да ја оствари за подобра иднина и сигурност.
Околу референдумот за името јас сметам дека цензусот беше превисок и дека тоа одигра улога во крајниот резултат, може да дискутираме за тоа дали референдумот бил потполно во согласност со некои демократски принципи, бидејќи да одлучуваат луѓе кои не сакаат да одлучат, кои со себе не беа на чисто дали нешто е добро за нивната земја или не, и тие да имаат одлучувачки збор, треба да се постави прашањето дали тоа е права демократска одлука. Па, ние во Словенија сме имале референдуми кои важеле за успешни, а петнаесет отсто жители излегле на избори и донеле одлука која сите ги обврзувала. Но, секако тоа прашање и толкувањата сѐ уште се елемент зашто македонската политика не може да се обедини околу најзначајните цели.
Јас сум еден до потписниците на иницијативата да им се додели награда на Заев и на Ципрас, мислам дека навистина заслужуваат.
Велите дека Преспанскиот е вовед во европската иднина за земјата, но од друга страна проширувањето останува неизвесна политика во ЕУ во овој момент…
– Секогаш кога ќе имам прилика ќе истакнувам колку е значајно да го почитува зборот што ѝ го дала на Македонија, а тоа е да почнат преговорите во јуни. Само тоа би било чесно. Меѓутоа, европската политика, како што гледаме со Брегзит, е една политика која ја составуваат индивидуалните ставови на 28 земји. И патот до согласноста е навистина многу комплициран. Има време до јуни кога таа одлука не се донесе дефинитивно. Јас сум практичен човек, сметам дека обврските можат и на таков и на инаков начин да се исполнуваат. Можат преговорите да почнат во јуни, но тоа не значи дека знаеме кога ќе завршат и со каков ритам ќе се одвиваат. Тоа ќе зависи пред сѐ, од реформскиот ритам во Македонија. Јас би оставил уште простор да веруваме дека нема сериозна причина да не почнат преговорите со Македонија. Но има една незгодна работа за Македонија, а тоа е дека се зборува за две земји во еден пакет, тој еден пристап може да се оправда, но може и да се каже дека имаме еден друг принцип, а тоа е принципот на индивидуална заслуга. Неправедно би било Македонија да биде заложник на ситуацијата во Албанија.
Колку е според вас можно да одлучат земјите членки да го одложат доделувањето датум од јуни за наесен?
– Тоа е сѐ хипотетички прашања на кои не можам да одговорам, одговорот треба да се бара во сложените односи во Европскиот Совет и во Европската комисија. Во однос на Комисијата мислам дека не би имало проблеми, во ЕК не се откажаа од јунскиот рок, но одлуката е во Советот, и ако една земја се противи, тогаш датумот се одлага. Но, јас никако тоа не би го доведувал во зависност со тоа дали Преспанскиот договор бил оправдан и корисен. Тој е корисен во секој случај и никако не треба да се става во прашање. Тој е еден добар политикантски аргумент кога нешто не се сака. Мислам дека никаква причина за песимизам, мислам дека Македонија си отвори пат, енормно си го зголеми кредибилитетот, со една нога е членка на НАТО, а во ЕУ постои една постапка во која Македонија е влезена и не гледам дека има пат назад. ЕУ е соочена со многу проблеми, тие се решаваат во од.
Што мислите за изјавата на комесарот Хан дека ЕК ќе предложи подготвителна фаза на преговори, што предизвика големи дебати во Македонија?
– Тоа тактизирање со фази е реална последица на европската стварност. Мора да се наоѓаат меки решенија, затоа велам дека треба да се исполни ветувањето и да се отворат преговорите, но темпото може да биде такво да се интерпретира како некаква почетна фаза, тоа прашање на прилагодување на реалноста. Немам сомнеж дека ЕК уште е на позиција дека треба да се почнат преговорите во јуни, во моите разговори со функционерите во ЕК не се споменувале никакви подготвителни фази, тоа е во воздухот, подобро е да попуштиш некому, подобро е да попуштиш пред да кажеш „не“ за проширувањето, отколку да направиш некаков чекор напред и ако не изгледа неоптимален.
Околу претстојните претседателски избори, доколку не бидат беспрекорно организирани, или доколку има бојкот, колку можат да ја доведат во опасност таа јунска одлука?
– Таа пракса на опструкција која во македонската политика во повеќе наврати се применувала ништо добро не ѝ донела на Македонија. Какви и да се резултатите на изборите, штетно е ако нема усогласен став на врвот. Опструкциите кои ги прави претседателот Иванов сега не се во корист на Македонија, мислам дека во едно демократско општество има други начини да се бориш за тоа во што веруваш. Треба да се има предвид дека ако повторно дојде до некаква криза или нестабилност во Македонија, државата губи, штетна е таа партиска политика на сѐ или нешто.
Како гледате на преговорите за СЈО и потешкотиите да се постигне компромис по ова прашање?
– СЈО треба да се остави да си ја работи работата и сите треба да се заинтересирани за тоа да се доведе процесот до крај во нормални услови, затоа што значи консолидација на владеењето на правото во Македонија. И треба да се остави злоупотребите кои се случувале во минатото да се санкционираат. Тоа не треба да се гледа како реванш, туку преминување и прифаќање на правната држава и владеењето на правото како единствен начин на владеење во демократски услови.
Што мислите за барањето на опозицијата да предложат обвинител и да се смени Јанева?
– Нема да навлегувам во ова, неколку пати сум се сретнал со Катица Јанева и имам многу позитивен однос кон неа, мислам дека многу одговорно ги прифати тие деликатни функции и мислам дека не би било во ред да попречува нејзината работа.
ФОТО: EPA/JENS SCHLUETER