Вајгл: Ако не се почитува договорот, евроатланската перспектива е непредвидлива

Тешко е да се разбере зошто големите партии како ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Преспанскиот договор, што претставува одлична шанса земјата да оди напред. Не верувам дека ќе има уште една таква шанса за земјата., вели известувачот на Европскиот парламент за Македонија Иво Вајгл.

96
ФОТО: EPA/JENS SCHLUETER

Политичките елити во земјата да го почитуваат Преспанскиот договор, во спротивно, евроатлантската перспектива на земјата ќе биде непредвидлива, порача во интервју за Клан Македонија, известувачот на Европскиот парламент за Македонија Иво Вајгл.

Вајгл во интервјуто говори за актуелните политички случувања во земјата, со посебен осврт по референдумот од 30 септември во Македонија.

Вајгл ја коментира суштината на неговиот извештај, кој доби поддршка од големо мнозинство на европратениците од Комисијата за надворешни работи.

– Главната порака е дека ЕУ, вклучувајќи ја и Европската комисија, Парламентот и Советот на министри, ја поддржуваат македонската Влада да продолжи со спроведувањето на Преспанскиот договор. Ова, исто така, значи дека треба да се почитуваат обврските што ги презема Владата за договорот од Пржино на патот за евроатланска интеграција. Се разбира, постојат и други прашања поврзани со ситуацијата во Македонија кои се вклучени во извештајот. Ние укажуваме на некои точки кои се уште се отворени и би сакале да имаме поголема усогласеност со европското законодавство и стандарди поврзани со судството, слободата на медиумите, почитувањето и заштитата на човековите права – вели Вајгл во интервјуто.

Покрај тоа, додава, би сакале да видиме повеќе кохезија за политичките прашања кои се тесно поврзани со иднината на земјата.

– Тешко е да се разбере зошто големите партии како ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Преспанскиот договор, што претставува одлична шанса земјата да оди напред. Не верувам дека ќе има уште една таква шанса за земјата. Ако договорот не може да се почитува, европската и евроатлантската перспектива на земјата во овој случај ќе биде непредвидлива. Никој не може да каже дали и кога ќе има уште една шанса и ако постои – подвлече Вајгл.

Според него постигнувањето договор за името влеало оптимизам, а сега кога ситуацијата е блокирана по референдумот, Вајгл вели дека главната одговорност за тоа паѓа врз ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека во моментов многу е важно Македонија да ја искористи оваа можност.

– Мислам дека главната одговорност за оваа ситуација паѓа врз ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш се трудам да не обвинувам само една партија, една личност или една програма. Но, треба да се разбере дека овојпат, ВМРО не е само политичка партија, туку дел од историјата на Македонија. Но, тоа исто така значи дека одговорноста на раководството на ВМРО мора да се гледа поврзано со историјата и иднината на земјата. Мора јасно да се разбере колку е важно Македонија да ја искористи оваа можност.

Според Вајгл, никој не може да знае каква ќе биде идната влада во Грција и каков пристап таа би имала за Договорот од Преспа.

– Но, можеме да претпоставиме дека новата влада на Атина ќе биде далеку понеповолна за овој договор отколку сегашната. Кога станува збор за политички компромис, нема ниту победници, ниту губитници. Секој победува нешто и губи нешто. Сепак, овој договор беше чудо на дипломатските способности со одговорен став -подвлече известувачот за Македонија во ЕП.

Запрашан која е разликата од негова гледна точка за договорот од Пржино за надминување на политичката криза во земјата, Вајгл коментира дека целокупната политичка ситуација во Македонија е помалку тензична и помалку конфликтна и дека во однос на остварувањето на политичките цели, процесот е потранспарентен и прифатлив за ЕУ, но, исто така, дека тука и претходната влада има заслуги.

– Не е дека одеднаш гледаме дека работата почнува од нула. Претходната влада, исто така, се соочувала со речиси исти пречки со кои се соочува сегашната влада. Но ова е уште посилна причина дека претходната влада треба да го поддржи решението кое таа се обиде да го најде, кога беше на власт. Значи, разликата не е толку голема. Претходната влада, исто така, се обиде да ги подобри односите со Бугарија и соседите, но не успеа. Можеби околностите беа различни. Повторно ќе кажам, дека ова е уште една причина повеќе да се приклучат и да ја искористат можноста која е отворена за Договорот Преспа – вели европратеникот Иво Вајгл во интервјуто за Клан Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...