Од договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас поентираат и двете нации. Македонија излегува од изолација и добива можност да стане членка на ЕУ и НАТО. Грција добива конечно решение на територијалните прашања и се ослободува од една периодична главоболка, пишува угледниот американски дневен весник „Вашингтон пост“ во денешната уредничка колумна.
Весникот оценува дека иако промената на името е незначително, договорот всушност прави значаен пробив во дипломатскиот ќорсокак кој беше закана за НАТО и ЕУ аспирациите на Македонија.
„Вашингтон пост“ ги нарекува Заев и Ципрас „миротворци“ и порачува дека во контекст на обременетите националистички страсти и долгата историја на разликите „новото име оди на сметка на двајцата лидери кои водеа истрајни преговори наспроти опозицијата дома и бремето на историјата“.
Додадава дека во периодот што претстои потребна е подршка за миротворците од Македонија и Грција од страна на креаторите на меѓународната политика бидејќи договорот зависи од неговата ратификација во грчкиот парламент и негово одобрување на референдум во Македонија.
– Доколку овој долго очекуван компромис стане жртва на национализмот и политичкиот комформизам, ќе настапи тажен ден за дипломатија, и изгубена шанса за што двете земји многу бргу ќе зажалат – наведува „Вашингтон пост“.
Влијателниото периодично издание „Форин полиси“, пак, во анализа на професорот Едвард Џозеф ја повика меѓународната заедница да поддржи номинација на Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир бидејќи „договорот што тие го постигнаа би можел да стане модел за решавање на идентитетските судири кои беснеат не само на Балканот туку насекаде низ светот“.
– Договорот е прст во око на Русија и нејзините популистички ортаци во Европа. Со него во вистинско време се внесува висока доза на доверба во ЕУ и во евроатлатнтската перспектива на целиот Балкан, пишува Џозеф.
Додава дека договорот е соочен со жестока опозиција од националистите во двете земји.
„И во Грција и во Македонија Ципрас и Заев се напаѓани од нивните опозиции како предавници. За да се спречи колапс на договорот од најголема важност е двајцата лидери не само да добијат поддршка од нивните колеги туку и меѓународна акламација“, наведува Едвард Џозеф