Васфије Красниќи – Гудман личност на годината на Косово

Красниќи – Гудман прва проговоре јавно за нејзиното силување од страна на припадници на српската полиција во војната во Косово во 1999 година

494

Васфије Красниќи – Гудман, жената која прва проговоре јавно за нејзиното силување од страна на припадници на српската полиција во војната во Косово во 1999 година, е личност на 2018 година во Косово, според изборот на весникот „Коха Диторе“, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Една храбра жена, која одби да го носи рувото на понижена и безгласна жртва и го крена гласот во името на сите жртви на сексуалното насилство во Косово – ја опишува весникот Красниќи-Гудман, која во октомври годинава на јавната телевизија РТК ја раскажа историјата за нејзиното силување во последната војна.

Другите четири личности на годината, според приштинскиот весник се: Светски познатата пејачка по потекло од Косово Дуа Липа; тренерот на косовските џудисти кои постигнуваат завидни резултати на светско ниво, Дритон Кука; Бернард Шаландес, селекторот на косовската фудбалска репрезентација, која го освои првото место во својата група во претквалификациите за европското првенство; и најпознатиот косовски фудбалер Фадиљ Вокри, кој почина во јуни годинава, а кој, како претседател на косовската фудбалска федерација, беше најзаслужен за зачленувањето на Косово во европската и во светската фудбалска асоцијација, УЕФА и ФИФА.

– Задушено од злобни личности и карактери со власт во рацете, Косово, сепак, има право да гледа напред со доза на умерен оптимизам, како резултат на постигнувањата на одредени индивидуи, кои на разни начини сведочат за потенцијалот на земјата и на косовското општество. Меѓу многуте личности кои со својата работа докажаа дека Косово не е татковина само на алчни моќници и безрбетни политичари, се и овие пет личности – пишува „Коха Диторе“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...