Васка Николовска-Масевска, судијка во предметот „Рекет“ тврди дека досега немала каков било притисок, ниту во предметот „Рекет“, ниту во својата досегашна работа.
На првата неофицијална средба со новинарите судијката која е единствена по својата транспарентност со јавноста откри дека поранешниот премиер Зоран Заев нема да сведочи во судскиот процес „Рекет“ во кој во наредниот период ќе сведочат 12 сведоци, предложени од првообвинетиот Бојан Јовановски и 13 сведоци на предлог на Катица Јанева.
Таа се осврна и на одлуката на Судечкиот совет, а на предлог на обвинителката Вилма Русковска да се затвори за јавноста едно од рочиштата во „Рекет“ кога се слушаше доказен материјал што го доставил осудениот на три години затвор Зоран Милевски Кичеец. И уште еднаш пред новинарите судијката Николовска Масевска, повтори дека на тој начин била заштитена приватноста на инволвираните во разговорите, но и угледот на лицата кои биле споменувани во тајната снимка.