„ВАР-системот“ ќе одлучува за Законот за јавно обвинителство, правниците тврдат дека немало „офсајд“

Суштински гледано, воопшто не е спорен фактот дека биле обезбедени 80 гласови, бидејќи тоа беше потврдено. Но, од деловничка гледна точка, опозицијата има право преку Уставен суд да побара да се утврди дали имало пропусти во целата постапка, вели правникот Насер Зибери.

4141

Веднаш по изгласувањето на Законот за јавно обвинителство во Собранието, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се закани дека неговата партија по судски пат ќе го оспорува начинот на којшто беше донесен Законот со двотретинско мнозинство. Според него, изгласувањето претставувало комплетна анархија која го загрозила имиџот на државата.

Ваквата негова реакција следуваше откако гласовите на петмината пратеници – Џеват Адеми, Али Ахмети, Амди Бајрам, Лилјана Поповска и Самка Ибраимовски – не беа регистрирани на првичното изјаснување за Законот за jавно обвинителство, кога резултатот беше 74 гласа „за“ и 32 „против“. Собранискиот спикер Талат Џафери го поништи гласањето и го стави законот на повторно гласање, па тој конечно беше изгласан со 80 пратенички гласови. Пратениците од опозицијата побараа да биде прифатено првото гласање.

И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во емисијата „Утрински брифинг“ најави дека правниот тим на партијата и правната Комисија ќе ги разгледа сите можности за проценување на постапката во Собранието за Законот за Јавно обвинителство.

– Додека јас бев пратеник, ваква работа не се случила. Никогаш не се случило одреден закон да не биде изгласан, а потоа претседателот на Собранието да каже дека ќе го повториме гласањето. Првпат во мојот живот гледам ситуација во којашто законот не е изгласан и се повторува гласањето за 5 минути. Секако, Уставниот суд е една институција којашто мора да се изјасни по однос оваа работа, затоа што немаше јасно изразена волја и не беа постигнати бројките. Доколку постојат и други инструменти, нашиот правен тим секако дека ќе ги каже – рече Николоски.

Правникот Насер Зибери за Плусинфо вели дека техничките грешки не се прекршувања на постапката за изгласување на одреден закон. Сепак, тој посочува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има целосно право да побара мислење од Уставниот суд, кој, пак, треба да утврди дали имало спорни моменти.

– Ако е точно тоа дека имало пријавени пратеници за збор во моментот кога собранискиот спикер го ставил на изјаснување предлогот за Законот за jавно обвинителство, тогаш технички е невозможно тие пратеници да гласаат за овој закон. Системот за гласање автоматски ги исклучува оние пратеници коишто претходно притиснале копче за да се пријават во дискусијата. Но, суштината е дека законот имал поддршка од 80 пратеници, оти ако не беше така, тогаш двотретинско мнозинство немаше да има ниту за другите два закона. Суштински гледано, воопшто не е спорен фактот дека биле обезбедени 80 гласови, бидејќи тоа беше потврдено. Но, од деловничка гледна точка, опозицијата има право преку Уставен суд да побара да се утврди дали имало пропусти во целата постапка и така да се види дали во моментот на изјаснување на пратениците навистина имало пратеници кои се пријавиле за збор. Сепак, јас верувам дека овде навистина стануваше збор за техничка грешка, оти во спротивно, тие петмина пратеници немаше толку лесно да ја променат одлуката во рок од три минути – објаснува Зибери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...