Иако ќе патуваат во некомплетен состав, тренерот на тимот, Роберто Парондо, изјави дека „црвено-црните“ ќе играат максимално мотивирано со германскиот тим. За Германија не отпатуваа Вуко Борозан, Рожерио Мораеш и Сергеј Горбок.
– Секогаш натпреварите се неизвесни. Традицијата не ја гледаме. Никогаш немавме победа против Веспрем се досега. Затоа поважно е да се фокусираме на играта наша. Секој меч е различен и треба да бидеме различно подготвени според тактиката на противникот. Имаме уште четири натпревари до крајот на групната фаза. Ќе играме со максимално на секој натпревар, зашто секој меч сега е важен, вели Парондо.
На првиот меч во Скопје одигран на 6 октомври лани, Вардарци победија со 29-27. Во досегашните меѓусебни средби, шестпати победувал Вардар, еден меч завршил со реми и двапати победиле Германците. На теренот во Германија тимот има две победи и едно реми.
– Ќе биде тежок натпревар. Рајн Некар е одличен тим. Ќе видиме колку сме спремни. Не сме во добар момент, ни треба повеќе време за тренирање зашто не сме комплетни п атреба да комбинираме со тоа што го имаме. Не мачат повреди на повеќемина играчи. Ќе се обидеме да играме добро и да се вратиме со добар резултат, додаде Шпанецот.
Мечот помеѓу германскиот тим и Вардар се игра утре од 19 часот во Мајнхајм.
Македонскиот тим е второпласиран на табелата во групата „А“ со 13 бода, еден помалку од Рајн Некар.