Екипата на Вардар вечерва беше поразена со 27:29 (16:11) од унгарски Веспрем во меч од 12 коло на ракометната Лига на шампиони. По овој пораз, вардарци паднаа на третата позиција на табелата со 15 поени, еден помалку од денешниот противник.
До 20-тата минута двата тима наизменично се менуваа во водство, а потоа „црвено-црните“ поведоа со 11:8. Добрата игра во одбраната и голманот Милосављев донесоа и плус 6 (15:9) на почетокот на 28-та минута од средбата, а на одмор се замина со резултат 16:11.
Стартот на второто полувреме му припадна на Веспрем, кој успеа да ја преполови негативата на 17:14, а подоцна и изедначи на 17:17.
Благотиншек при овој резултат заработи исклучување, по што Дибиров од пенал ја прекина серијата од седум минути без постигнат гол. Криштопанс постигна исклучително значаен погодок за водство од 20:18, погодувајќи од десет метри под опасност за пасивен напад.
Македонскиот тим повторно стигна до плус три разлика (21:18), но Веспрем не се предаде и со голот на Лекаи израмни на 22:22, на девет минути до крајот.
Веспрем успеа да ја преземе контролата на резултатот и во последните пет минути влезе со 25:24. При овој резултат, Вардар имаше пенал, но Дибиров не успеа да го искористи. Веспрем поведе со 26:24, а потоа направија почетничка грешка бидејќи има исклучен играч, а на терен се најдоа седуммина.
Со гол предност за Веспрем се влезе и во последната минута од натпреварот. Судиите го толерираа долгиот напад на гостите, а на крајот Наѓ го заврши со погодок за пораз на Вардар од 27:29
Лекаи со седум гола, Наѓ даде шест, а Ненадиќ постигна четири гола, додека кај Вардар, Дисингер даде пет, а Скубе и Стоилов завршија со по четири гола.
Во наредното коло, кое е закажано за 23 февруари, Вардар гостува кај Кристијанштад.