„Вардар“ го совлада „Мотор Запорожје“ и се пласира во осминафиналето на ЛШ

253

Ракометарите на „Вардар“ успеаја да се издигнат над проблемите што го мачат клубот и да слават над „Мотор Запорожје“ со 38:28 (полувреме: 16:11) во групата Б во Лигата на шампиони. Денешниот триумф значи и нов пласман во осминафиналето во елитното клупско натпреварување на ЕХФ.

Петтата радост на „црвено-црните“ во ниту еден момент не беше во прашање. Предноста од пет гола на полувреме беше дуплирана во вториот дел за заслужена радост на крајот и за враќање на победничките патеки по низата од четири порази.

Најефикасен вардаров ракометар беше Сташ Скубе со осум гола, два помалку од него реализира Иван Чупиќ, а солиден на голот беше младиот голман Марко Кизиќ кој запиша осум интервенции. Шест погодоци за гостите од Украина постигна Пухоуски.

Пред Вардар се уште два меча до крајот на групната фаза во Лигата на шампиони. Наредниот викенд (22 февруари) ќе гостуваат кај Порто, а седум дена подоцна во Скопје ќе играат против Монпелје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...