Со Преспанскиот договор Грција ги изгуби нејзините две оружја – го изгуби оружјето за вето во НАТО и ја изгуби Времената спогодба, што беше начин со кој земјава беше обврзана да биде призната од сите меѓународни организации и од многу држави како Поранешна Југословенска Република Македонија, изјави грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Милитиадис Варвициотис во интервјуто за утринската информативна емисија на грчката телевизија „Open“.
– Ние уште од почеток рековме и затоа се боревме против овој договор и пред да се потпише и пред да се ратификува, дека од моментот кога се потпишува и од моментот кога се ратификува носи резултати. И ние не можеме да кажеме дека Грција денес има аргументи за поништување на договорот врз основа на рамката на договорот – изјави Варвициотис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Варвициотис во интервјуто уште еднаш повтори дека сега Грција ќе се труди да ги заштити производите со терминот „Македонија“, но и ќе се обиде да ги подобри условите од договорот кога ќе започне отворањето на поглавјата со ЕУ.
– Преку овој договор треба да постигнеме две работи. Пред сѐ да се спроведе ограничување на употребата на терминот Македонија и второ, да ги заштитиме нашите производи и да видиме, отворајќи ги поглавјата во Европската унија кога ќе дојде тој момент, како би можеле да ги подобриме условите на договорот – вели Варвициотис.