Варварите не умеат со бисери

И оваа жална приказна не е од вчера, се разбира. Трае барем две децении, ако не и повеќе.

1159

Да, добра беше најавата на една од националните телевизии: Охрид засега се спаси…! Ама тоа, спасението, е само посакувана работа, нешто како wishful thinking, или како ние би сакале да биде односно да изгледа дека е. А тоа – особено ова! – речиси никогаш не се исполнува зашто е во сосема други сфери, што ќе рече, дека ние обично посакуваме невозможни нешта. Така денес модерниот свет не функционира. Таков тип на магии се одамна напуштени. Ама ние и онака живееме во минатото, во некој чудномеѓувреме каде што владеат наши и само наши „правила“. Светот многу не нѝ интересира, дури и кога се нуди да ни помогне! Ама, од друга страна, во случајов мора да нѝ ,интересира зашто бараме многу од него. И како и обично, (само) бараме ама не нудиме односно, не сме подготвени и да дадеме. Е ни такво нешто нема во модерниот свет. Немало никогаш, ако сме баш кај тоа, ама нашиве мислат дека нештата се тераат на мускули, велат: со лобирање, ама тоа се детски, да не речам будалести калкулации. Но ние, по обичај, и такви за трка имаме! Иако тие се тркаат овде, дома, самите со себе, ама тоа сѐ уште не им е јасно. Мислат дека го прелажале светот, го изманипулирале со своите „лобирања“, мислат дури дека и нам тоест на Охрид ни прават некаква – којзнае каква – услуга. Така мислеа и претходните, оние злосторницине. Иако „услугата“ главно завршуваше во нивните џебови. Ама зошто сега повторно би ги продолжувале истите марифети? Заради џебовите? Не сакам да поверувам.

Погореспомнатата новинарска најавани укажува дека всушност тука завршува нашата грижа за овој град, а започнува големото славје. Охрид се спаси, или го спасивме, па ајде да јадеме и пиеме. Уште еднаш, по којзнае кој пат, политиката ја победи струката. И ние на тоа се радуваме.Зашто, прво, ако прашате кого и да ѐ од струката, мислам дека сите се горе-долу едногласни, освен оние вмрони-протони (Тричковски), се разбира, ама такви очигледно има и меѓу оваа власт! Можеби се малку, можеби се самоумислени, можеби се само добро укотвени во високите инстанци на власта … ама тие никако не разбираат, или не сакаат да кажат, не им одговара, дека статусот на загрозено наследство ќе ни беше подобра варијанта зашто тогаш ќе добиевме странска експертска помош за заштита на Охрид и регионот! (А ние од тоа, изгледа, бегаме како ѓаволот од крстот. Но – со причина!). И второ, дури и многу поважно: сега (повторно) се фативме во стапицата на политиката, во орото едно напред две назад на советите на тоталните (стручни, но и политички) анонимуси ама вични во политикантството, во склопката (на Огнен Јаневски!) каде со еден потег се предизвикува мрак, но веднаш потоа и „блескава“ светлина но како долга агонија на вечен мрак во кој што ќе царуваат нестручни будали кои и во блиското минато ни сместуваа бројни такви сценарија!

Но, зошто воопшто Македонија имаше дилеми за препораките на УНЕСО кои бараа ставање на градот / регионот на Листата на загрозено културно наследство? Дали, на пример, ние како држава мислевме дека тоа е некаков минус за нас, некаков пораз или не дај боже срам, потценување на македонската заштита на наследството како професија, потценување на Македонија како држава? Можеби некој така и размислувал, ама мислел – погрешно. Не знам дали во земјава има некој педантен статистичар кој ги бележи победите и поразите во изминативе три децении? Јас не сум тој, јас можам да говорам за културата, ама не и за општеството / државата во целина. Ама сигурен сум дека ги имаме, мислам на победи и порази, како и во секоја друга држава. Важен е можеби соодносот, процентот на едното и другото, зашто тоа се одразува на вкупниот морал на народот, на самосвеста, на самопочитта. Тоа се сепак важни нешта. Не знам каков е нашиот сооднос во овој поглед, можеби подолго ги паметиме поразите од победите, а ги имало доволно. Оние првите. И некако изгледаат поголеми. Но, како и да е’ и тоа е работа на историјата, ама приказната наречена Охрид дефинитивно е и културна, а уште од сега може да се нареди меѓу поголемите македонски порази. Во секој поглед. Од град бисер направивме град ругло, од културен центар го трансформиравме во кич провинција, од историја и Уметност (се разбира, со големо „У“!) го претворивме во грдо совремиеи царство на малограѓанштина. Тоа цивилизираниот свет не ни го простува. Нема да ни го простат ни идните генерации македонски граѓани со барем малку свест за значењето на тој град за оваа држава, особено за неговото културно наследство. Денешниве генерации очигледно немаа(т) таква свест. Ама имаа(т) за грабеж, за уништување, за бесправно градење, за присвојување на тоа што не им припаѓа … Варварите не умеат со бисери. Дајте им копач и лопата и сте завршиле работа. Ене, ја гледаме на дело, во Охрид, ама и во околината, и во Струга и во околината …

И оваа жална приказна не е од вчера, се разбира. Трае барем две децении, ако не и повеќе. А кулминација достигнува во изминатите петнаесетина години, со целосната политизација односно партизација на државата, вклучувајќи ја тука и струката. Која и да е, сите со ред, а во случајот струката наречена заштита на културното наследство, сосе оние сателитчиња наречени „стручни“ асоцијации. Политиката, а особено политикантството се покажа врвен, најмеродавен авторитет, одговор на се и за се, а политикантските договори замена за стручните истражувања, анализи, елаборати. Македонската политика се покажа најмоќното оружје во рацете на современите варвари облечени во костуми и копачот и лопатата скриени во гепекот на мерцедесот. Maybach или обичен, сеедно, важно да врши работата. А кога кон тоа ќе се придружи и неисцрпниот државен буџет како основно помагало, нема што не може да се направи. Така никна новиот „Охрид“, така никна Плаошник, така никнуваа и сите оние други дивоградби, со сесрдна помош на политиката и струката наречена заштита на културното наследство! Што ќе рече: државата не може да биде заробена без заробени институции, без заробени (купени, поткупени, заплашени …) стручњаци, без заробен народ!

Дали ова е навистина спас за Охрид, дали ние воопшто сме способни за такво нешто, тоа никој не го кажува. Важно, велат, ние го избегнавме срамот! Ама – дали е така? Што навистина избегнавме?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...