Актуелниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за Плусинфо вели дека не е невообичаено Антикорупциската комисија да отвора предмети за судии, но е изненаден што тие веднаш излегле во јавноста со тоа.
Тој е еден од петмината судии за кои антикорупционерите соопштија дека ќе го проверуваат нивниот имот.
– Тоа им е работа, нека си отвораат постапки согласно нивните надлежности. Исто како што постапуваме и ние судиите и тие си имаат закони и правила врз основа на кои треба да постапуваат и нема ништо лошо додека ги почитуваат. Не е ништо невообичаено што отвораат предмети и за судии, таква пракса имало и во минатото, но за мене е малку невообичаено што веднаш ја известија јавноста за тоа – вели Вангеловски за Плусинфо.
Според анкетниот лист кој е достапен јавно, судијата навел дека како заеднички имот има 4 стана во Скопје. Поседува и „мерцедес бенц“, а како заеднички имот пријавил уште три возила, „лексус ИС“, „тојота селика“ и „крајслер кросфајер“. Во анкетниот, Вангеловски пријавил и деловен простор, земјоделско земјиште, акции, дивиденди, часовници „картие“, закупнина, кредити…
Покрај врховниот судија, под лупата на Антикорупциска ќе бидат и поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски, како и три судијки: Софија Лаличиќ, Светлана Костова и Александра Зафировска.