Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, жали за поразот од Леванте (1:3) на денешниот натпревар во Шпанското првенство и е лут на своите играчи затоа што во второто полувреме примија три гола за седум минути.
– Да се примат два гола за две минути е многу болно. Со резултат 1:2 бевме уште во игра, ни требаше само еден гол за реми. Но резултатот 1:3 нè сруши. Посебно по поништениот гол на Меси – изјави Валверде.
Тој призна дека Каталонците тешко играат на гости.
– Имаме одредени проблеми на гостински натпревари. Дома играме добро, но на гости играме така што мора да се мачиме. Во првото полувреме, повеќе или помалку го контролиравме натпреварот. И кога противникот излезе напред, тешко беше да се врати. Ова не беше наш ден – дополни Валверде.