Целосна дигитализација на системот за управување со кризи во државата ќе овозможи имплементацијата на NICS – Next Generation Incident Command System – NATO SPS Projekt (Следна генерација на Систем за управување со инциденти), проект обезбеден со поддршка од САД и НАТО.
Директорот на ЦУК Агрон Буџаку, на денешната заедничка прес-конференција по повод промоцијата на системот истакна дека со овој голем проект се унапредува целиот систем за управување со кризи со модерни технологии и тоа благодарение на НАТО кој на овој начин покажува дека не е само Алијанса за класична сигурност и безбедност туку Алијанса која се грижи и за безбедносна и сурноста на граѓаните, а во која се надевемае дека ќе станеме наскоро 30-та членка.
– Со овој систем целата Република Северна Македонија ќе биде покриена. Ние како ЦУК вршиме обука на локално ниво како да се примени овој систем со кој во секој момент сите институции ќе имаат увид со помош на модерната технологија и интернетот на ситуацијата во местата каде има несреќи, рече Буџаку.
Професорот на Универзитетот МИТ во Масачусетс САД, Грегори Хоган појасни дека овој систем го развиле заедно со Противпожарната служба на американската сојузна држава Калифорнија, каде не ретко се случуваат пожари од големи размери. Претставува платформа која овозможува поврзување и координирање за заедничко делување на сите организации преку која се споделуваат информации, мапи, видеа на веб со помош на модерните технологии.
– Системот се покажа многу успешен во САД, а се применува и во Австралија. Сега НАТО побара од нас да работиме со Македонија да го развиеме системот овде. Македонија беше проактивна во адаптирање на системот на сопствените потреби, специфични за земјата на овој софтверски систем – рече Хоган.
На новинарско прашање Буџаку појасни дека главна дејност на ЦУК е координација со активностите на надлежните институции во случај на катастрофи од поголеми размери, а за состојбата во која се наоѓаат противпожарните бригади во земјата надлежни се рече, локалните самоуправи, како и ЈП Македонски шуми.
– И јас не сум задоволен од ситуацијата. Ние сме земја во транзиција со мали и ограничени ресурси, но во иднина со помошта што ќе ја добиваме од НАТО и ЕУ, ќе имаме поголема материјална поддршка. Во моментов како Центар ние имаме проект со ЕУ за мапирање на кризна состојба, а сите други работи со време ќе се поправат – посочи Буџаку кој рече дека побарал од премиерот поголема материјална и финансиска поддршка за ЦУК и за другите чинители на ситемот.
NICS апликацијата претставува дигитализација на Системот за управување со кризи и овозможува командување со ангажираните ресурси (единици, тимови и МТС) во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, меѓуресорска координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справувањето со инцидентите, кризите и кризните состојби, и размена на податоци и информации (текст, слика и видео содржина) во реално време.
Целосната имплементација на NICS проектот, како што беше усвоено на 141. седница на Владата, треба да се реализира до 1 декември 2020 година, што практично значи дека Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, ќе има имплементиран современ дигитален систем за управување со кризи. Досега со обука мза примена на системот биле опфатени 552 лица.