При долготрајна изложеност на населението на бучава во животната средина над дозволените гранични вредности можат да се јават негативни здравствени ефекти поради стресогеното дејство на бучавата врз организамот. Тоа се вознемиреност, нарушување на спиењето, кардиоваскуларни болести, пречки во говорната комуникација, а кај децата бучавата може да предизвика нарушувања на интелектуалните функции, како што се меморијата, вниманието, учењето и слично, вели за Плусинфо проф. д-р Гордана Ристовска од Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Во земјава најбучни градови се Скопје и Куманово. Д-р Ристовска предупредува дека, за разлика од некои други опасности во животната средина, бучавата има тенденција на пораст поради интензивниот процес на урбанизација, технолошкиот развој, порастот на популацијата, густата населеност и зголемената густина на сообраќајот. Таа предизвикува не само директни, туку и кумулативни негативни здравствени ефекти врз здравјето на луѓето, врши деградација на специфичните животни средини како што се средините за учење и за одмор.
Во однос на изложеноста на бучава, вулнерабилни групи се стари лица, лица со оштетен слух, деца кои се во фаза на когнитивен развој и психички лабилни личности.
– Значајно е да се истакне дека постои индивидуална осетливост кон бучавата, затоа некои луѓе реагираат повеќе од останатите. Исто така постои физиолошки одговор – навикнување на бучавата, но иако ние не ја перцепираме после одредено време, таа делува негативно на нашиот организам – вели д-р Ристовска.
Има прописи, но никој не ги почитува
Колку е дозволената бучава од автомобилите, а колку од угостителските објекти? Има ли спас од моторџиите што некогаш и среде ноќ ги слушаме по скопските булевари ?
– Граничните вредности за изложеност на бучава се дефинирани во Правилникот за гранични вредности на нивото на бучавата во животната средина од 2008 година, и тие се однесуваат на интензитетот на бучавата надвор од објектите за престој, учење и одмор или внатре во објектите. Тоа значи дека во станбена зона во која има угостителски објекти надворешното ниво на бучава не треба да биде повеќе од 55 dBA, а внатре во просториите не треба да биде повеќе од 35 dBA во текот на денот. А во текот на ноќта граничните вредности се уште пониски, надворешното ниво на бучава треба да биде под 45 dBA, а внатре до 30 dBA. Имаме прописи, но нема кој да ги почитува, затоа што во станбена зона, во приземјето на станбените објекти се дозволува да работат угостителски објекти кои имаат отворени тераси, тогаш сигурно дека ќе има зголемено ниво на бучава. Инспекциските служби обраќаат внимание на јачината на музиката, но не придонесува само музиката, туку и џагорот кој го создаваат луѓето, нивното доаѓање и заминување со автомобили, мотори. Тука треба да се делува превентивно, да не се дозволува работа на угостителски објекти или занаетчиски објекти во станбена зона, ако сакаме да ја одржиме тивка станбената зона.
Сообраќајот, исто така, претставува извор на бучава, особено во ноќните часови, кога имаме појава на ноќни трки со автомобили или мотори, а во текот на ноќта потребен е одмор на луѓето, а не изложеност на зголемено ниво на бучава. Интензивните градежни активности со кои сме опкружени исто така претставуваат извор на бучава, честопати присутни и за време на викенд.
Расте оштетеноста на слухот кај децата и кај тинејџерите
Гледаме секој ден во градот се движат луѓе со слушалки од мобилен телефон во ушите. Колку е опасно, наместо звукот од средината околу нас (од возила, луѓе, велосипедисти) да слушаме гласна музика?
– Постои опасност од оштетување на слухот кај луѓето при краткотрајна изложеност на висок интензитет на бучава, но и при долготрајна изложеност на бучава со понизок интензитет. Граничната вредност за превенција на оштетување на слухот од долготрајна изложеност на бучава беше до неодамна 80 dBA, но Светската здравствена организација при крајот на 2018 година објави нов водич за бучава со кој ја намали оваа вредност на 70 dBA. Зошто тоа беше потребно? Затоа што постојат нови научни докази и нови навики во однесувањето на населението, особено на децата и тинејџерите. Имено, новата технологија придонесува децата многу млади да започнат со користење на лична опрема за слушање музика или видео игри, а тоа значи секојдневна изложеност по неколку часови на звук со висок интензитет, кој не е ограничен и може да го оштети слухот. Ова тврдење е поткрепено со научни докази за зголемена стапка на оштетување на слухот кај децата и тинејџерите. Од друга страна, користење на личната опрема за слушање музика додека се престојува на отворен простор го одвлекува вниманието и не дозволува да ги слушнат предупредувањата од средината за потенцијални опасности.
Кога сме на концерт во живо или во дискотека, колку нашиот слух е во опасност? Колку смее да биде максималната јачина на музиката од кафулињата и рестораните?
– При престој во затворена просторија во која има гласна музика или говор (концерти, дискотеки, митинзи) јачината на звукот не смее да биде повисока од 110 dBA, за да спречиме појава на акутно оштетување на слухот. Неколкучасовен престој во овие простории може да предизвика слушен замор, зуење во ушите, зголемување на прагот на чујноста и слично.
На локалната власт „уво не ѝ чуе“ за бучавата
Дали можеби треба да се донесат нови законски решенија за бучавата или постојните се добри, само треба да ги почитуваме?
– Постојат закон и подзаконски акти кои ја регулираат бучавата, постојат дефинирани гранични вредности, но никој не ги почитува, никој не води сметка за тоа. Локалната власт е одговорна за да изработи мапи за бучава и акциони планови за намалување на бучавата, за преземање мерки за намалување на бучавата. Со наближување на летото проблемот со бучавата ќе станува сѐ поактуелен. Во недостиг на колективни мерки за заштита, може да помогнат и индивидуалните мерки за заштита, како што е звучна изолација на објектите во кои живееме учиме, работиме или одмораме.
Каде е најбучно во Македонија?
– Бучавата се мери во Скопје, Битола, Кичево и во Куманово од страна на Центрите за јавно здравје. Во Скопје се мери на 14 мерни места, напролет и наесен. Изложеноста на бучава во животната средина е најизразена и најзагрижувачка во Скопје и во Куманово, дневната бучава е зголемена за 10 децибели на некои мерни места, а на поедини мерни места зголемена е и ноќната бучава. Оваа состојба е посебно изразена во подрачја со втор степен на заштита, во станбена зона, во близина на предучилишни и училишни објекти. Во Битола и во Кичево постои лесно зголемена изложеност на бучава. Состојбата во наведените градови е препознаена во изминатите години, локалната самоуправа е запознаена со состојбата, но сѐ уште не се преземаат мерки за намалување на бучавата.