Тешко е да се сфати како безмалку секоја голема и прогресивна човечка идеја уште во миговите на своето зачнување, или најдоцна во невиното бебешко лазење, развива и никулец на сопственото уништување, зачеток на нешто автентично зло, што ќе расте и ќе метастазира во самото јадро на идејата, чекајќи го моментот на слабост на веќе зрелото движење за да го задуши. Најстрашното оружје на овој ‘ркулец на смртта е што тој од самиот почеток се идентификува со хуманата творба, што и да е таа – идеја, нација или движење, ја присвојува и притиска со тежината на својата зла природа и на крај ја убива како исполнување на својата генетска задача, како свое онтолошко исходиште.
Така, во раниот 19 век, во почетокот на викторијанската ера на Англија, во најголемиот процут на науката, индустрискиот и општествениот напредок, Единбург бил водечкиот град на анатомските истражувачки студии во светот, студии што анатомијата ќе ја воведат во редот на вистинските науки и ќе претставуваат – до денешен ден – основа за развојот на медицинската хирургија. За беља, поради природата на анатомските студии кои морале да се вршат на кадавери, трупови на скоро починати луѓе, наоѓањето на „материјалот“ за студирањето на човечката градба се покажало како најголема пречка за напредокот на оваа млада наука. Неволјата била уште поизразена поради тогашниот закон, кој дозволувал дисекцијата во научни цели да се врши само над тела на луѓе починати во затвор, самоубијци или луѓе без семејство. Поради големата побарувачка, кадаверите добиле пазарна цена, која во тоа време се движела помеѓу 8 и 10 фунти, што било вистинско мало богатство.
Ова бил предтекстот за настанувањето на едно од најбизарните – и воедно најинвентивните – сериски убиства во модерната историја, генетски поврзани со раѓањето на најхуманата од сите науки. Сѐ почнало со смртта на еден осамен станар во ќумезот што го издавал ништожникот Хеар, кој поради ненадејната смрт од масивна едема му останал должен на домаќинот. За да ја надомести штетата, тој, заедно со својот ортак Бурк, решиле трупот да го продадат на најблиската елитна анатомска лабораторија на светски познатиот доктор Нокс. Ноќта пред погребот го извадиле телото од ковчегот и го продале за убава цена на лабораторијата. Откога сфатиле дека откриле вносен „бизнис“, Бурк и Хеар почнале да избираат осамени станари, да ги убиваат ноќе, и со истата технологија на замена на трупот од ковчегот, да ги продаваат жртвите за анатомски истражувања. За десет месеци од 1828 година тие убиле и продале 16 жртви, после што биле фатени и осудени.
Она што останало од ова одвратно сериско убивање е ингениозниот начин што го смислиле двајцата морални монструми, за да не остават траги на насилство, што, се разбира, би им го уништило „бизнисот“. Тоа бил – и денес познат во судската медицина – Бурк-Хеаровиот зафат или Бурковата асфиксија, односно задушување. Водени од ѓаволска инвенција тие своите жртви ги задушувале на спиење, така што Хеар им ги затнувал устата и носот, додека Бурк им лежел попреку на градниот кош и со својата тежина го блокирал нивното движење и дишење. Ова злосторнички ингениозно задушување кое не оставало траги на насилство, и не предизвикувало сомнеж дека се работи за убиство, одекнало толку силно што довело до усвојување на специјални закони за користењето на кадавери во научни цели, вовело нов збор во англискиот јазик – burking, што значи задушување, а влегло и во генетските записи на разни злосторнички организации што своето постоење го остваруваат задушувајќи ги народите што целат да ги ослободат. Се разбира, мислам на ВМРО.
Од своето основање, во некој мрачен и влажен миг 1919 или 20 година, фашистичката ВМРО е смртна закана за македонскиот национален и државен проект, за време на Втората светска војна беше на страната на фашистичките окупатори, а за време на процутот и развојот на социјалистичката македонска република живуркаше како притаен вирус на антимакедонската ебола. Од 1990, кога се појави нејзината современа реинкарнација дпмне, ВМРО и ДПМНЕ – исто како и нивните инспиратори Бурк и Хеар – се надвјасаа над кревкото тело на независниот македонски државен и културен проект, и му го затнуваат здивот, и со својата злосторничка тежина му затежнуваат на градниот кош, обидувајќи се да ја осободат Македонија од самата себе си, од нејзините перспективи и иднина, од воздухот што македонското општествено битие се обидува да го вдише низ вмровските лепливи прсти. Оваа културна, политичка и државно-правна асфиксија, вистинско задушување што не дозволува доток на кислород во македонската колективна свест, и се разбира – предизвикува умирање на мозокот на нацијата и на државата, трае интензивно веќе 30 години, со помали или поголеми осцилации, колку да сркнеме малку воздух, колку да ни се обноват надежите, колку да се нурнеме во самозалажувањето дека со оваа злосторничка партија е возможна каква и да е демократија, парламентарен плурализам, владеење на правото или минимум на домаќинска разумна мисла.
Иако немаат никаква, ама баш никаква историска, идејна или каква и да е друга врска со Крушевската Република 1903, македонските Бурк и Хеар ја украдоа и ја сметаат за своја, а прославата на Илинден ја користат само за простачки да го окупираат Мечкин Камен и да го зголемат стисокот на „бурковиот зафат“. Сите политички отстапки што им се прават, како цена за илузијата дека со злосторничката ВМРО како „конструктивна парламентарна опозиција“ можеме да глумиме парламентарна демократија, само ја зголемуваат тежината врз градите на македонската република. Не смееме да се залажуваме, почитувани читатели, дека ја ослободивме државата од ВМРО: ние сме сѐ уште долу, со затнати усти, нос и притиснати гради; зафатот е ингениозен и смртоносен, та немаме големи шанси да се ослободиме од задушувањето, доколку и ВМРО и ДПМНЕ, македонските Бурк и Хеар, не бидат изведени пред судот на правдата и занавек одстранети од македонската политичка и општествена иднина. Нека ви е честит македонскиот државотворен Илинден!