Бура во светската економија, како ќе се справиме со последиците?

Што да се прави во ваква ситуација, како подобро да се подготвиме за последиците од бурата? Разумно би било носителите на економските политики три пати да го мерат секој денар пред да излезе од буџетот.

1104

Признавам, на прв поглед изгледа тотално бесмислено да се пишува за било што во ситуација кога фокусот на јавноста во земјава е насочен кон гледање видео снимки од безбедносни камери, ташни, купчиња евра… Плус, не се многу привлечни сериозни теми во време на годишни одмори, плажи, кафиња, лефтерни муабети… Но, сето ова нема да ни биде оправдување подоцна ако не смислиме план како да се подготвиме за бурата која што доаѓа. А, таа бура, со многу опасен потенцијал, се шири низ светската економија.

Да тргнеме од почеток. По минималните 0,2% во 2017 година, растот на македонската економија минатата година забрза и изнесуваше 2,7%. За годинава проекциите упатуваат на дополнително забрзување на растот и надминување на 3%. Случувањата во првото тримесечје на годинава (раст од 4,1%) и укажувањата на Народна банка дека високофреквентните податоци за април и мај „главно упатуваат на продолжување на позитивните поместувања во економијата“, се во линија со проекциите. Свој удел во позитивната приказна има и фактот дека извозот расте побрзо од увозот, изразено во евра во првите шест месеци од годинава во споредба со истиот период лани извозот се зголемил за 14,1%, а увозот за 11,2%. Кога сето ова ќе се погледне, има основа за зголемен ентузијазам и очекувања за забрзан економски раст годинава.

Но, работите се покомплицирани одошто изгледаат на прв поглед. Да ја погледнеме автомобилската индустрија. Магазинот „Форбс“ предвидува дека производството на автомобили во светот ќе се намали годинава за 4,2 милиони, од 83,7 милиони минатата година на 79,5 милиони автомобили годинава. Притоа, се истакнува дека овој пад нема да биде брзо неутрализиран, туку нивото на произведени автомобили од 2018 година ќе биде повторно достигнато дури во 2022 година. Ова предвидување е во линија со она што се случува во ЕУ. Таму, бројот на регистрирани возила во првата половина од годинава е намален за 3,1%, а само во јули падот веќе изнесува 7,8%. За Кина се предвидува пад на продажбата на нови возила за 8%, што е голем пад ако се земат количините кои се во игра кога е Кина во прашање.

Проблемот што се појавува кај германската економија не е ограничен само на автомобилската индустрија. Во јуни целокупното индустриско производство на Германија се намали за 1,5% во споредба со претходниот месец, а на годишно ниво падот е уште поголем и изнесува 5,2%. Падот е најголем од глобалната финансиска криза во 2009 година наваму. Првите официјални проценки за германскиот БДП за вториот квартал од годинава ќе бидат објавени околу средината на месецов и се очекува пад на германската економија. Всушност, за цела година растот на германската економија е проектиран на 0,5%.

Економистите предвидуваат дека проблемите ќе продолжат, индустриското производство ќе има пад и во јули и тоа ќе биде вовед во техничка рецесија (две тромесечја со негативен раст на економијата).

Неповолните случувања во германската економија, чијшто развој се потпира на извозот, се должат на влошувањата на состојбите во глобалната економија. Трговската војна помеѓу САД и Кина, чекорите на САД кон ЕУ, во основа силно ја погаѓаат особено германската економија. Трговската војна ја инспирира Кина да ја обезвреднува својата валута за да ја сочува ценовната конкурентност, но тоа ги прави германските (а и не само германските) производи поскапи, односно помалку конкурентни на кинескиот пазар.

Проблемите не завршуваат тука. Кривата на принос на обврзниците во САД стана инверзна што историски се смета за силен индикатор за рецесија во надоаѓање. Нивото на задолженост на компаниите во САД е своевидна темпирана бомба, која што лесно може да се активира штом започне процес на зголемување на каматните стапки. Брегзитот, и сѐ посилните гласови за излегување на Обединетото Кралство од ЕУ без договор со континентална Европа, само ја зголемуваат неизвесноста и загриженоста на инвеститорите ширум светот.

Сето ова се случува во контекст на политички превирања и растечки тензии ширум светот. САД бијат своја внатрешна политичка битка што дополнително ќе се разгори во изборната 2020 година, ЕУ се бори да ја сочува внатрешната кохезија.

Мултилатералните аранжмани, без оглед дали станува збор за светската трговија или нешто друго, што со децении го дефинираа и чуваа меѓународниот поредок, сѐ повеќе стануваат мртви букви на хартија. Никој повеќе не се вџашува од нивна непримена. И не само тоа. Растечките тензии во чувствителни региони, подрачја и теснеци во светот, заканите со оружје, нетрпеливоста која се кумулира по разни основи, создава бура со многу силен и опасен потенцијал. Цената на златото, како безбедна зона за чување на богатството, расте. Накусо, светот полуде. Тоа не може да не остави последици на светската економија.

Во вакви околности, би било наивно да мислиме дека сето ова ќе ја одмине македонската економија. Во првите шест месеци од годинава извозот на македонски производи во Германија достигна 3,2 милијарди евра, што претставува 49,3% од вкупниот извоз на земјава. Германија е убедливо најважниот пазар за нашите производи. Ако во светот се намалува побарувачката за автомобили и следствено во Германија опаѓа производството на автомобили, а и вкупното индустриско производство, тогаш разумно е да се очекува дека ќе се намалат и порачките за фирмите од зоните во земјава што произведуваат разновидни производи за потребите на автомобилската индустрија. Тој пад на порачките би можел да достигне и двоцифрено ниво. Притоа, нема сите фирми во зоните да бидат подеднакво погодени, повеќе ќе бидат погодени оние што работат во земјава повеќе од 5 години и го воспоставиле планираниот капацитет на производство, а помалку ќе бидат погодени оние што се дојдени подоцна. Ако тоа се случи, тогаш ќе нема прекувремена работа, ќе има намален број на работни часови и ќе се бараат механизми како да се избегне отпуштањето на работници во кои се вложени значителни средства за нивна обука.

Дали првите ветрови од светската бура веќе стигнаа кај нас? Брзината на раст на извозот од зоните е намалена. Да погледнеме и пошироко. Во јуни годинава, увозот на производи за лон производство е намален во однос на истиот месец лани за 5,8%, падот на увозот во јуни во однос на претходниот месец изнесува дури 26,9%. Значи, постои основа да се очекува работите да одат на полошо кога станува збор за извозот.

Што да се прави во ваква ситуација, како подобро да се подготвиме за последиците од бурата? Разумно би било носителите на економските политики три пати да го мерат секој денар пред да излезе од буџетот. Така ќе сочуваат маневарски простор за подоцнежно вбризгување поголеми буџетски инјекции во економијата со цел намалување на лошите последици кога за тоа ќе се јави потреба. Тоа би била најголема помош за граѓаните и бизнис секторот доколку работите во светската економија излезат од контрола.

Сосема ми е јасно дека предизборието, во кое веќе влезе државава, има своја логика во однос на количината и намената на трошењето од буџетот. Но, тоа не смее да ја намали потребата од добра подготовка за апсорбирање на можните удари од светската економија. Ако чекаме да дојде бурата за да почнеме да се спремаме – ќе биде предоцна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...