Со повик за масовен протест утре, жителите на Тимјаник кај Неготино се кренаа против тоа во нивна близина да бидат сместени деца со посебни потреби.
Тие повикуваат на протест утре кога од Министерството за труд и социјална политика најавија дека три деца со посебни потреби од Специјалниот завод Демир Капија ќе бидат сместени во мал групен дом во Неготино, а потоа до крајот на месецот, четири деца од заводот ќе бидат сместени во мал групен дом и во село Тимјаник, дел од жителите организираа протест против оваа одлука.
Исто така, коментираат дека објектот кој се наоѓа на среде село не е најпогоден за таква намена. Сепак, помеѓу револтираните селани, има и такви кои велат дека првично се плашат од децата кои ќе бидат доселени, и се загрижени за безбедноста на своите деца. Најавуваат уште протести во иднина. Предрасуди, страв од непознатото, но и отсуство на сочувство кон овие деца е генералниот впечаток од реакциите на жителите на Тимјаник.
-Нема никаква причина за страв, бидејќи, конкретно во Тимјаник треба да се доселат четири деца на возраст од 12 до 17 години, кои сега се сместени во заводот. Станува збор за деца кои не се агресивни и кои и во Тимјаник, во групниот дом ќе имаат 24 часовен надзор од стручни лица. Објектот во кој ќе бидат сместени е државен, имаме сознанија дека во минатото било планирано да се намени како дневен клуб за стари лица, но никогаш како таков не профункционирал. Значи, не било планирано истиот да се пренамени во детска градинка. Децата постојано ќе имаат придружба. Имаат интелектуална и комбинирана попреченост, значи дел од нив не можат да се движат и се во колички. Станува збор буквално за деца кои се безопасни и кои заслужуваат шанса за подобар живот – тврдат од министерството.