Писателката Румена Бужаровска објави на Фејсбук дека добила закани за сексуално насилство, по објавувањето на нејзина колумна. Таа предупредува дека вакви насилнички коментари добиваат и многу други жени на социјалните мрежи.
„Не дека првпат добивам вакви пораки, не дека сум единствена – повеќето жени што ги знам се мета на ваков говор во приватни пораки и на закани за сексуално насилство, што поради нивните политички ставови, што само онака. Всушност, моите пријателки и познанички, посебно оние што се општествено активни, имаат цел арсенал од вакви пораки. Но ете прекрасен пример на реакцијата на мојата вчерашна колумна на извесен господин Владимир Мицоски, со кого имам многу заеднички Фејсбук пријатели“, напиша таа објавувајќи ја содржината на неговата порака.