Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го поздравува објавувањето на Пакетот за проширување на Европската комисија за 2019 година и посочува дека се потврдени водечките принципи на политиката на проширување – принципот на сопствени заслуги и фокусот на владеењето на правото и основните слободи.
Бугарското МНР во соопштение наведува дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува една од приоритетните теми за Бугарија и треба да продолжи да зазема важно место на европската агенда. Посочува дека добрососедските односи, регионалната соработка, владеењето на правото се критериуми од хоризонтално значење што спаѓаат во рамките на конвенциите.
„Задоволни сме од задржувањето на динамиката, постигната од бугарското претседателство на Советот на ЕУ во областа на проширувањето, вклучувајќи ги и приоритетите усвоени во јуни 2018 година, кои исто така се одразуваат и во тековните извештаи на ЕК. Во таа смисла, ги поздравуваме препораките за почеток на пристапните преговори и со Република Северна Македонија и со Албанија“, се наведува во соопштението на МНР.
Со оглед на приоритетното значење на добрососедските односи, во секоја фаза од процесот, како што се додава, „ќе биде потребно да се оцени исполнувањето на договорите постигнати во таа област со сите земји кандидати кои ги водат пристапните преговори“.
„За таа цел, особено ќе биде важна примената на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Министерството за надворешни работи на Бугарија посочува дека внимателно ќе ги анализира извештаите и препораките на ЕК со цел да се процени нивниот кредибилитет и објективност.
„Ќе ги вложиме сите напори за донесување на Заклучоците на Советот, потврдувајќи го значењето на политиката на проширување на ЕУ, како клучен инструмент за мир, стабилност, безбедност, просперитет и длабока трансформација на општествата во земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство преку исполнувањето на потребните критериуми. Очекуваме да подготвиме заклучоци со кои ќе биде подготвено решение за почеток на преговори за членство со Република Северна Македонија и Албанија“, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.