Бугарски парламент: Ја поздравуваме Северна Македонија

427

Ратификацијата на пристапниот Протокол на Северна Македонија во НАТО денеска го мина првиот чекор низ парламентарните филтри на бугарскиот парламент, добивајќи поддршка од матичната Комисија за одбрана.

Претседателот на комисијата за одбрана, генерал Константин Попов, пред колегите кажа дека Бугарија пред 27 години прва безусловно ја призна Македонија под нејзиното уставно име и како самостојна и независна држава, јави БГНЕС.

– Бугарија ги убеди и Турција и Русија, исто така, да ја признаат нејзината независност. Денеска Бугарија по уште еднаш ги изрази своите добри намери кон нашиот сосед. Ја поздравуваме Северна Македонија за нејзиното членство во Северноатлантскиот сојуз – изјави Попов по гласањето во Комисијата за одбрана на бугарскиот Парламент.

Според него, Северна Македонија може да смата на целосната бугарска поддршка и содејство за целосното приклучување кон НАТО.

– Бугарија годинава ќе одбележи 15 години од своето членство во Алијансата и со радост ќе го поведеме нашиот сосед и ќе го споделиме нашето искуство од членството во сојузот. Тоа е уште еден чекор кон зацврстувањето на стабилноста и развојот на Западен Балкан, како и проширувањето на можностите за соработка – изјави генералот Попов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...