Бугарското обвинителство го обвини министерот за заштита на животната средина Нено Димов дека намерно лошо раководел со кризата настаната заради рестрикциите со вода во градот Перник, на западот од Бугарија.
Бугарската Влада претходно денеска соопшти дека премиерот Бојко Борисов ја прифатил оставката на Димов, кој претходната ноќ ја минал во притвор заради рестрикции на водата и за увоз на отпад, пренесоа британските медиуми.
Обвинителството наведува дека Димов не презел соодветни мерки за да се спречи сушењето на браната од која Перник и околните села се снабдуваат со вода, иако примил бројни предупредувања и извештаи за намалување на нивото на водата.
-Околу 97.000 жители нема да имаат нормален пристап до вода за пиење во следните пет месеци. Тоа е најголемата штета – изјави главниот обвинител Ангел Канев и додаде дека Димов дозволил индустриските корисници да се снабдуваат со вода од браната иако уште во 2018 година бил информиран дека нивото на водата почнало да опаѓа.
Заради кризата со снабдувањето со вода која трае околу два месеца и која погоди околу 100.000 жители, организирани се бројни протести, а опозициската Социјалистичка партија бараше и гласање доверба за владата на Борисов.
Доколку Димов биде обвинет, му се заканува казна од осум години затвор.
Обвинителот кажа дека Димов и во следните 72 часа ќе остане во притвор. Тој претходно ги негираше сите обвинувања.
Инфраструктурата за снабдување на Перник со вода не е обновена повеќе од 50 години заради што градот има загуби од 70 отсто од водата за пиење.