Бугарскиот европратеник од партијата ГЕРБ, Андреј Ковачев, на политичкото собрание на ЕПП во Брисел се сретнал и со Гордана Силјановска-Давкова, каде таа престојува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ковачев разговарал со неа и објави дека како кандидатка за претседател, таа тешко ќе ја добие неговата поддршка и поддршката на неговата партија која е сестринска на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денеска, во рамките на политичкото собрание на ЕПП во Брисел, се сретнав со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова. За жал, г-ѓа Силјановска-Давкова со мене сподели многу коментари во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија и има поинакво мислење за историјата. Искрено, жал ми е што негативниот став кон Бугарија наследен од времето на комунистичка Југославија и зацврстен во времето на Никола Груевски, сѐ уште доминира во главите на многу луѓе во Македонија. Поддршка за спогодбата со Бугарија, усвојување на нашата заедничка историја и запирање на говорот на омраза против Бугарија се базичниот минимум за секој во Македонија кој ја сака и очекува нашата поддршка и пријателство. Според ова, јас и партијата ГЕРБ, тешко дека ќе дадеме поддршка за оваа кандидатка!“, напиша Ковачев на Фејсбук.