Бугарската влада го одобри нацрт-текстот на Протоколот за пристапување на Северна Македонија кон НАТО, објави владината прес-служба на Бугарија.
Со истата одлука, тамошната влада го овластила привремениот амбасадор на Бугарија во Алијансата да го потпише Протоколот.
Откако сите членки ќе го одобрат нацрт-текстот на Протоколот, Македонија ќе го потпише Протоколот кој потоа ќе биде испратен на ратификација во парламентите на земјите-членки.
Кога ќе заврши ратификацијата во сите 29 држави, Северна Македонија ќе стане рамноправна членка на Алијансата.
Денеска, бриселскиот портал „Еуроактив“ објави дека прв парламент кој ќе го ратификува нашето членство е грчкиот и оти тоа планира да го направи до 8 февруари. Истиот портал објави и дека целата процедура во сите земји ќе се забрза и можно е уште на Самитот на НАТО во јули земјава да стане членка.