Бугарија и Македонија можеби заедно ќе претседаваат со Берлинскиот процес

207

Бугарија и Северна Македонија најверојатно ќе имаат заедничко претседателство со Берлинскиот процес идната година, најави министерот за надворешни работи на Полска Јацек Чапутович, пренесува Бугарското национално радио.

Актуелен претседавач со Берлинскиот процес е Полска, а следниот треба да биде определен на Самитот во Познан на почетокот на јули годинава.

Чапутович, наспроти одложувањето на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ за октомври, сепак, е категоричен дека пред државите има јасна европска перспектива.

– Сметам дека ние треба да ги поддржиме. Многу сум задоволен, што најверојатно претседателството со Берлинскиот процес ќе го преземе Бугарија заедно со Северна Македонија – изјави шефот на полската дипломатија.

Советникот на полскиот претседател Андреј Дуда, Богослав Виниц, сепак, предупредува дека приклучувањето на сите држави од Западен Балкан во ЕУ може да се одложи на многу подолго.

– Ние ги поддржуваме земјите од Западен Балкан, но нема позитивна клима во Европа, која ќе дозволи нивно брзо пристапување. Ќе биде многу тешко да се приклучат барем во следните десет години – изјави Виниц.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...