Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски ја поднесе кривичната пријава за загрозување на сигурноста против Мефатиљ Арслани, кој му е адвокат на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Аљими, кој е обвинет во „Титаник 3“ за уништување изборен материјал во Чаир на изборите во 2013 година. Против Аљими не е поднесена пријава бидејќи во овој момент нема доволно аргументација дека и тој е соучесник, односно поттикнувач на делото.
– Доколку јавниот обвинител во постапката по прибавување на целокупниот доказен материјал оцени дека во вршењето на кривичното дело своја улога имал и Ејуп Аљими, се приклучувам кон кривичен прогон против истиот. Во тој контекст предлагам да се прибават листинзи од телефонските оператори од контактите на пријавениот со лица и листинзи за негова интернет комуникација – бара Бубевски.
Во пријавата тој детално го опишува настанот кога закани биле упатени пред обвинителката Фатиме Фетаи со која заедно настапуваат во судница како обвинители во „Титаник 3“.
Настанот се случил на 10 ноември лани на паркингот пред трговскиот центар „Мавровка“ кога Фетаи била совозач во автомобил со кој возела извесна Атене Исеини. Додека барале паркинг место, го здогледале адвокатот и застанале да се поздрават.
– Артене Исеини го отворила прозорот од кај возачката страна за да го поздрават и само што сведоците му рекле „Добар ден Мефо, што правиш, како си“, истиот, агресивно, на висок тон, со сериозност во гласот им се обратил со зборовите „А бе, евее, не знаеме што да ѝ правиме на оваа пошто е наша“, покажувајќи со рака кон сведокот Фатиме Фетаи, „а на тој каурот матер ќе му расплачеме, фамилија ќе му ебеме“ – наведува Бубевски во пријавата.
Обвинителот во кривичната наведува дека очигледно е оти мотивацијата за заканите од адвокатот на Ејуп Аљими произлегуваат токму од тоа што против функционерот на ДУИ се води кривична постапка во „Титаник 3“.
– Во тој предмет еден од обвинителите е оштетениот Гаврил Бубевски, и основано се очекува задоволување на правдата за стореното од страна на Ејуп Аљими, иако според негово поведение, истиот се однесува како недопирлив за правдата – наведува обвинителот.
Тој потсетува и на насилничкиот чин на одземање записници од изборите од страна Аљими кои, според него, доволно говорат за неговата личност. Исто така, Бубевски потенцира и оти од функционерот на ДУИ се исплашени и сведоци во предметот „Титаник 3“.
– Сведокот Р.Б. во својот исказ наведува дека е исплашена да сведочи пред обвинетите, бидејќи е исплашена и за својата безбедност и за безбедноста на својот татко. Истото го потврдува и сведокот Ќ.Т. и пред јавниот обвинител и на записник за главна расправа од 14.12.2018 година. Од ова очигледно е дека луѓето кои го познаваат Ејуп Аљими се плашат од него, што укажува на исполнување на сето неправо кое го бара кривичното дело „загрозување на сигурноста“ – навел Бубевски во пријавата.